Левица и ДУИ ја поддржуваат примената на „Безбеден град“, обезбедено двотретинско мнозинство

По подолги политички консултации, обезбедена е клучната поддршка во Собранието за да започне примената на системот „Безбеден град“, кој предвидува автоматско казнување на сообраќајните прекршители.

од desk4
13 прегледи

Законот утре ќе се најде на дневен ред на седница на Собрание на Северна Македонија, потврди за Телма координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пренесе Фокус.

Мицевски изјавил дека на денешната неформална координација, на која учествувале координаторите на ВРЕДИ, Левица и ДУИ, била добиена нивна поддршка за изгласување на законот за кој е неопходно двотретинско мнозинство. Според него, на средбата биле сослушани и забелешките изнесени на вчерашната лидерска средба, со договор тие да се адресираат во наредниот период.

На координацијата бил повикан и претставник на МВР, додека координаторот на СДСМ не бил поканет. Од СДСМ, како што се наведува, сè уште немаат конечен став за законот, поради забелешки поврзани со управувањето со податоците што ќе се собираат преку системот „Сејф сити“, со цел да се спречат можни злоупотреби.

Со предложените измени на Законот за прекршоци се овозможува целосна примена на „Безбеден град“, при што од 1 февруари се очекува да започне автоматското испраќање казни за сообраќајни прекршоци, како минување на црвено светло и возење со брзина поголема од дозволената.