Левица и Ванковска „ќе трчаат“ заедно: „Ќе има интересни претседателски дебати, Ванковска цели кон повеќе ориентирани кон Русија и Евроазија“

од Nikola Popovski
680 прегледи

Партијата Левица го објави името на кандидатот за претседател со кого ќе „трчаат“ на изборите, а тоа е професорката Билјана Ванковска. Лидерот и пратеник на партијата, Димитар Апасиев денеска на прес-конференција порача дека Левица стигнала до „ниво на кое што веќе го полага матурскиот испит, а тоа е собирање на 10 илјади потписи, кое планираат да го завршат успешно“. „Ако се прашувате зошто по една деценија повторно излегувам на истиот терен, ќе ви кажам дека оттогаш многу нешта се променија и овојпат нема да бидам политичка манекенка или случаен минувач во политиката, нагласи Ванковска на прес-конференција.

Какви се шансите на Ванковска? 

-Се согласувам дека нема да биде политичка манекенка на претседателската кампања затоа што е реторичка доста јака и може да ја претседателските дебати и кампања доста интересни, поинтересни отколку обично, вели во разговор за „Локално“, извршниот директор на Евротинк, Димитар Николовски. Сепак, не очекува дека нејзините шанси се големи и не очекува дека може да ја надмине популарноста на партијата која ја предлага.

Димитар Николовски

-Ако моментално на анкетите, Левица има околу 4-5% популарност, не мислам дека може да освои повеќе од тоа на гласањето, посочува Николовски.

Соговорникот оценува дека Ванковска цели на антиглобалистичките сентименти кај граѓаните, кај повеќе десноориентирани млади луѓе, но и некои од тие кои се повеќе ориентирани кон Русија и Евроззија.

-Ванковска не може да стане претседател без „амин“ на Албанците затоа што во моментов, Левица стои доста лошо со партиите на етничките Албанци и не верувам дека може да добие поддршка од нив. Тоа значително и ги смалува шансите за било каков успех, дециден е Николовски.

Околу познатите ставови на Ванковска, дали очекува во вториот круг да повика да се гласа за ВМРО-ДПМНЕ, извршниот директор на Евротинк смета дека многу ќе зависи кој ќе биде кандидат за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Само по дефиниција не очекувам да повика, но зависи дали ќе ѝ се допаѓа и дали е компатибилна таа личност која ќе биде предложена од ВМРО-ДПМНЕ. Дури и да не повика, природно значителен дел од нејзините гласови би се слеале кон ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг, оценува Николовски.

Нано Ружин

Од друга страна, поранешниот амбасадор и своевремено кандидат за претседател, Нано Ружин смета дека професорката Ванковска е интересен политички лик кој некогаш има некои нестериотипни изјави и однесувања и што е резултат на нејзиното демократско расположение. Во разговор за „Локално“ истакнува дека е факт дека професорката има тенденција да се афирмира во политиката и да биде значаен политички лик.

-За жал, во ВМРО-ДПМНЕ местата се пополнети, но Левица е простор каде што може да исползува нешто. Доволно е да станете кандидат за претседател, а после тоа во функција што ќе направи Левица на изборите, тогаш ќе има и одреден бенефит. Не верувам дека може да издвојува победа бидејќи, колку и да сте популарни, ако немате поддршка од една од двете најголеми партии, тогаш можете само да го подобрите рејтингот на партијата или да го срушите, посочува Ружин.

Додава дека мора да се има партиска мрежа, за да се надевате на успехи и смета дека Левица тоа го нема.

-Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ евентуално би помогнал да се соберат тие 10 илјади гласови, бидејќи им одговара во вториот круг и тие да се прелеат кон нивниот кандидат, истакнува Ружин.

Без албанското гласачко тело, дециден е соговорникот, тешко е да се стане претседател поради тоа што се бара минимум 50% излезност на гласачите.

-Ванковска има одредени ставови кои не се проевропски и пронатовски и тоа ќе наиде и на отпор и кај албанското гласачко тело, но и телото што е проевропски ориентирано. Може да се очекува во вториот круг да го повика гласачкото тело да гласи за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, оценува Ружун.

Билјана Ванковска е доктор на политички науки, редовна професорка и раководителка на последипломските студии по Мир и развој на Филозофскиот факултет во Скопје. Има објавено повеќе книги и 100-тина научни статии и поглавја на повеќе странски јазици. Таа е колумнист и соговорник на медиумите во Македонија и надвор од неа.

Ова ќе биде втор обид на Ванковска да влезе во претседателската трка. Првиот беше пред 10 години кога најави независна кандидатура, но не успеа да го собере потребниот број на потписи.

Н.П.

Слични содржини