Левица: Историскиот криминал на СДСМ со „Бехтел и Енка“, ВМРО-ДПМНЕ ќе го реализира со работници со дебело криминално досие

од Nikola Popovski
65 прегледи

За да се забрза изградбата на автопатиштата под надлежност на „Бехтел и Енка“, Владата најавува промени во Законот за странци. Новите измени, објавени на платформата ЕНЕР, имаат за цел да ги олеснат процедурите за ангажирање странски работници. Од Левица критикуваат дека „историскиот криминал на Бехтел и Енка“, како што говореше премиерот Христијан Мицкоски додека беше во опозиција, „сега токму неговата влада има намера да го реализира со странски работници, кои во својата биографија можат да имаат дебело криминално досие“.

„Според иницираните измени од МВР, во државава би можеле да добијат вработување и престој лица кои не направиле кривични дела, но само во годината пред да аплицираат. Дополнително, според предложените измени, Агенцијата за вработување повеќе нема да дава мислење, туку таа обврска ќе ја има само полицијата. Претходно, судот ја оправда катастрофалната “доверба” од 2% и ги отфрли тужбите на жителите од Ореовец, кои бараа да престане минирањето на камен. Образложението наведува дека Законот за ,,Бехтел и Енка” бил над сите закони и немало основа за забрана, којашто направи неповратна еколошка, но и материјална штета. За овој случај, сега веќе актуелните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, активно протестираа со жителите, но денес тие мораат заштитата на основните човекови права да ја бараат во Стразбур, откако партијата на Мицкоски ги извиси“, стои во партиското соопштение.

Левица повторно бара транспарентно да се објави целиот договор и го повикуваат и Основното јавно обвинителство да започне соодветна истрага.

„По констатираните неусогласености на постапката за поднесување и одобрување на привремен престој заради работа, содржана во Законот за странци и обврските преземени согласно одредбите од Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридор 10-д во РСМ во делот на ангажирање, односно вработување на лица-странци како работна сила, воедно и поради сложеноста и обемноста на документацијата потребна во постапката за поднесување и одобрување на привремен престој, согласно одредбите од Законот за странците, изготвен е предлог-текст за измени и дополнувања на Законот за странците“, стои во соопштението од МВР.

Агенцијата за вработување ќе има обврска на месечно ниво до МВР да доставува известување за лица, за кои во законски предвидениот рок не е извршено пријавување на почетокот на работата, и за лицата за кои е извршено одјавување пред истекот на рокот во кој е издадена дозволата за привремен престој заради работа.

Во земјава најмногу работници доаѓаат од Турција, Косово, Србија, Албанија.

Слични содржини