Политичката партија Левица попладнево најави дека ќе поднесе апликација до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, откако Уставниот суд ја одби нивната иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Упатството на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), кое се однесува на распределбата на рекламниот простор за време на изборната кампања.
Според Левица, спорното Упатство довело до целосна цензура на нивната партија, која и покрај тоа што е парламентарна, не добила ниту една секунда медиумски простор за рекламирање во текот на локалните избори. Партијата тврди дека дури и со сопствени средства не ѝ било дозволено да се рекламира, за разлика од, како што наведуваат, „милионското расфрлање на пари“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
-Иако контраверзното Упатство, не е објавено во Службен весник, а по својата суштина претставува општ акт и согласно Устав мора да биде објавено за да произведува правно дејствие, ги повредува уставните начела на еднаквост и политички плурализам преку противуставната ЦЕНЗУРА, повредува меѓународни правни акти инкорпорирани во нашиот правен систем, со кои е гарантирано правото на политичко дејствување загарантирано со Европската конвенција за човекови права и со Уставот, сепак, за судиите од Уставен суд тоа не е нималку важно и штетно по уставниот поредок и „во согласност со закон“, настрана што и законот не е уставен – од причина што се работи за дискриминација на партија која е трн во око на олигархијата и нивните газди, нагласуваат од Левица.
-Цензурата на еден денес, значи режим за сите утре“, се наведува во соопштението на Левица, во кое се додава дека одлуката на Уставниот суд е спротивна на уставните начела на еднаквост и политички плурализам, како и на Европската конвенција за човекови права.
Партијата најави дека нема да запре со правната и институционална борба за, како што велат, основните демократски права, и изрази уверување дека Република Македонија ќе ја загуби постапката пред судот во Стразбур.