Левица критикува, ВЛЕН и ВМРО бранат, СДСМ молчи: Какви пораки беа испратени од првиот собраниски час?

од Nikola Popovski
812 прегледи

Бурна конститутивна седница во Собранието, на која Африм Гаши од ВЛЕН стана нов претседател на Парламентот. Беа испратени повеќе критики од Левица за изборот, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН им реплицираа, а впечатлив беше и молкот од пратениците од СДСМ кои не ни гласаа. Од ДУИ пак ја напуштија седницата уште пред да почне гласањето. Само за потсетување Гаши беше избран со 76 гласови „за“ и шест „против“.

Впечатливо беше дека Гаши, најпрвин на албански, а потоа и на македонски јазик побара обединување во евроинтеграцискиот процес и се заложи за подобар стандард на граѓаните. Од Левица се изјаснија дека се против предлогот и по гласањето ја напуштија седницата. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека партијата на Апасиев, пред изборите ја одби нивната понуда за приклучување на страната на македонското национално единство и ги обвинија за соработка со ДУИ. Од ВЛЕН посочија дека во осумгодишната пратеничка кариера на Гаши нема ниту една дамка.

Пораки од вчерашниот прв собраниски час

Дел од јавноста е поделена во ставовите за тоа што вчера се случуваше во Собранието. Политичкиот аналитичар Александар Ристевски вели дека скандалозно тоа што Гаши прво ја кажа заклетвата на албански, а потоа на македонски јазик.

-Новиот претседател на Собранието, како и мнозинството политичари кои го влечат својот легитимитет од албанското гласачко тело, се уште не може и не знае како себе си да се надмине, за да манифестира некаква албанштина, а свесно кршејќи ги законите. Фасцинантно е што цела јавност ја сатанизираше Сиљановска Давкова за тоа што вербално не вели Северна, туку само Македонија, а за ова евидентно кршење на законите на Гаши, нападот е кон ВМРО ДПМНЕ, а не директно кон него. Мислам дека Гаши политички не добива ништо, а губи многу. Мислам дека доколку Владата профукционира ефикасно, народот осети подобрување, дека и овие фолклорни форми на искажување некаква етничка гордост ќе спласнат. Сепак, сметам дека Гаши треба да биде опоменат и укорен. Законот мора да се применува, порачува Ристевски за „Локално“.

Александар Ристевски

Во однос на молкот од СДСМ, аналитичарот смета дека довчерашната владеачка партија молчи затоа што не знае ни кој ќе им биде лидер, „ни колку брзо и дали ќе започне“, како што вели, „прогонот за сите криминали која цела нивна структура е обележана дека ја правеше“.

-Не верувам ниту дека во догледно време ќе проговорат било што, оценува соговорникот.

Во јавноста кружи теза дека претседател на Собранието е човек што има два пратеници и не е етнички Македонец, што не е спорно, но во 2016-та година беше спорно за тогашната опозиција, при што се случи и упадот во Собранието и настаните од „27-ми април“.  Според Ристевски, претседател на Собрание се бира со своевиден политички консензус и секако парламентарно мнозинство од 61.

-Зошто претседател на Собрание од партија со два пратеници и етнички Албанец? Затоа што на мнозинството од ВМРО ДПМНЕ му е битно да ги има клучните ресори во Владата за да може експресно да влезе во процес на реализација на ветената програма. Дури и ресорите кои ги даде на ВЛЕН и ЗНАМ, во позадина ќе има свои државни секретари и заменици, бројни директори и ќе може експедитивно да го реализира тоа кое го ветуваше во предизборието. Исто време, коалицискиот партнер треба да биде негуван за да опстои, а не е идејата да го уништите. ДУИ тоа му го правеше на СДСМ изминатите 4 години, па од пропорција 3 према 1, сега се пата пата. Токму затоа споменатата мантра дека е пожелно барем една позиција од трите клучни во државата ги води етнички Албанец, со оглед дека Сиљановска Давкова е претседател, а Христијан Мицкоски претседател на Влада, не треба да се сфати негативно или како своевиден пораз или дебакал што Африм Гаши ќе го води Собранието. Поголем проблем е дали ќе продолжи со негативната и против законска пракса и инаугуративниот говор, и дали доследно ќе го применувба законот. Идната власт ги има сите форми на мнозинство (просто, апсолутно и бадентерово) и би требало да работи експресно, експедитивно и максимално ефикасно. Нема никаков простор за изговори, заклучува Ристевски.

Со сличен став во однос на заклетвата е и новинарот и аналитичар Љубиша Николовски. Вели дека беше изненадување тоа што заклетвата беше прво прочитана на албански па на македонски јазик или беше неочекувано.

-Но изненадувањето не беше за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои очигледно не реагираа во одбрана на македонскиот јазик и македонштината како што се прикажуваа досега. Очигледно тоа претходно било договорено со ВМРО-ДПМНЕ и одобрено, тврди Николовски во разговор за „Локално“.

Љубиша Николовски

Смета дека СДСМ во моментов се изгубени поединци во Парламентот кои очигледно немаат договорена партиска стратегија како да настапуваат.

-Секој настап од нив би бил индивидуален и можеби не би кореспондирал со ставот на „базата“, а таа во овие денови се занимава со себе и со тоа кој ќе биде лидер на партијата. Улогата на опозиција првиот ден од работата на Собранието ја презема Левица. Дали тоа ќе биде и натаму останува да се почека и да се види, оценува Николовски.

Околу изборот на Гаши кој пред се е предлог на ВМРО-ДПМНЕ, новинарот посочува дека тоа е класична и докажана дволичност на партијата на Христијан Мицкоски.

-Затоа никогаш не треба да се зема здраво за готово ништо што зборува или ветува ВМРО-ДПМНЕ. Ним ќе им биде лесно да владеат со манипулации дека се бранители на македонизмот иако во суштина ќе биде исто кога станува збор за соработката со албанската опозиција. Ова отттаму затоа што знаат дека СДСМ како социјалдемократи и заложници за „едно општество за сите“ се промотори на мултиетнички соживот давајќи им права на етничките заедници и нема да имаа ништо против претседател на Собранието, па и голем број министри да бидат Албанци, потенцира Николовски, додавајќи дека „лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги излажа граѓаните, односно на база на лаги ги доби изборите“.

Н.П.

Слични содржини