Левица: Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја чинат државата 3.705.914 евра за патни трошоци во последните 4 години

од Даниел Ѓорѓиевски
42 прегледи

Пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил, од Собраниската говорница истакна дека е време пратениците да покажат разбирање за трошоците со кои се соочуваат работниците кои патуваат до своите работни места. Тој посочи дека, иако самите пратеници добиваат патни трошоци, не е коректно да не поддржат иницијатива за надоместок на работниците, кои често трошат две до три плати на патарини.

„Пратениците, кои добиваат надомест за патни трошоци, не се согласуваат на работниците да им следува сличен надоместок,“ рече Исмаил. Предлогот за враќање на надоместоците за патни трошоци за работниците беше образложен од координаторот на пратеничката група Левица, Борислав Крмов. Тој истакна дека надоместокот за патни трошоци за работниците бил укинат во 2008 година.

Крмов ги обвини поранешните министри за финансии, вклучувајќи Трајко Славевски, за забелешките кои тврдат дека патните трошоци сè уште постојат, но се вклучени во бруто платата. „Ова не се однесува на приватниот сектор и вообичаено се поништува со колективни договори и договори за вработување,“ нагласи тој.

„Не можеме овој трошок на работниците да го игнорираме. Позитивен пример во регионот е Србија, каде што работодавачите се обврзани да исплатат надоместоци или да организираат превоз за работниците. Таму целосно го остваруваат ова право без манипулации,“ додаде Крмов.

Левица предложи иста формулација за пресметка на патни трошоци за работниците, која веќе беше одбиена при обидот за регулирање на патните трошоци на пратениците. Исмаил ги критикуваше пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за укинување на правото на работниците на надоместок за патни трошоци.

„Меѓу 2010 и 2024 година, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја чинат државата рекордни 3.705.914 евра за патни трошоци. Ве повикувам да покажете доблест и да не се однесувате како привилегирана каста која не знае што е реалноста на обичниот работник. Работниците се најголемиот дел од населението и од вашите гласачи. Тие заслужуваат нашата поддршка,“ потенцираше Исмаил.

Сепак, предлогот на Левица повторно не беше изгласан од парламентарното мнозинство, оставајќи отворено прашањето за правата на работниците во Македонија.

Слични содржини