Левица: Во Штип се случи пукање додека власта турка Закон за либерализација на трговијата со оружје

од Nikola Popovski
376 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски додека дели благодарници на неговиот поранешен личен адвокат, а сега министер за внатрешни работи, Македонија колабира на безбедносно поле, велат од Левица за вчерашното пукање во кафуле во центарот на Штип. Според партијата, постои нов скандалозен чекор на власта. Како што велат, до Собранието е доставен предлог од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за измени на Законот за оружје по скратена постапка, со кои дополнително се либерализира трговијата со оружје.

-Со скандалозните измени се предвидува физичко лице да набавува до 500 куршуми годишно, со што драстично се подигнува сегашната граница од 200 куршуми годишно по физичко лице. Дополнително, се овозможува физичко лице да врши неограничена набавка за сите видови оружје во Б и Ц категорија, наместо постоечките ограничувања кои се однесуваат само на набавка на пневматско оружје и нежлебени цевки, наведуваат од Левица.

Левица го прашува премиерот Мицкоски „дали паралелно се формира нова компанија за трговија со оружје (блиска до власта) која најмногу ќе има корист од либерализацијата на продажбата?!“.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип ноќеска вршеше увид на локација во кафе бар каде едно лице беше лишено од живот со истрели од огнено оружје. Напаѓачот и жртвата се идентификувани и станува збор за странски државјани. Во кафуле на плоштадот „Слобода“ околу 21,30  часот, според искажување на очевидци, дошло до расправија на двајца турски студенти, при што едниот извадил нож, на што противникот му возвратил со пиштол.

На социјалните медиуми после полноќ се појавија и видеа на кои се гледа дека возило ја пробива рампата на едната од патарините на автопатот Штип-Скопје. Во него бил убиецот по кого се уште се трага.

Слични содржини