Дали со поништувањето на огласот за избор на членови на Комисијата за заштита од дискриминација и објавување на нов оглас, се отвора нов сомнеж на нетранспарентност кој води кон тоа дека може повторно да е направен некаков политички пазар зад затворени врати кој го кочи функционирањето на државните институции.
Имено, на седницата одржана на 12 декември 2019 година, Собранието без образложување на причините за поништување на огласот за избор на членови на Комисијата за заштита од дискриминација, на нетранспарентен начин, одлучи повторно да го објави огласот. Собранието ниту еднаш, и покрај бројните пропусти при објавувањето на првиот оглас, не излезе со објаснување зошто граѓаните веќе четири месеци го немаат на располагање овој механизам за заштита на нивните права.
Пратеничката Ивана Туфегџиќ, тврди дека огласот за комисија за заштита од дискриминација е поништен поради тоа што немало доволно пријавени, за да се исполни условот од законот за спречување од дискриминација член 16 став 4 кој вели дека комисијата треба да го отсликува мултиетничкиот, родовиот и секој вид на различност во општеството.
„Со цел и да се испочитува законот и да се добие квалитетна комисија огласот е поништен и на 12ти декември е објавен нов оглас со рок од 30 дена. Апелирам сите кои исполнуваат услови да се пријават со цел да бидат избрани најдобрите во оваа важна комисија, а ќе бидат сторени максимални напори овој состав на парламентот да ја избере комисијата“, изјави Туфегџиќ.
Според неа, огласот морал претходно да се поништи, бидејќи како што вели, ниту еден од пријавените не ги исполнувал законски услови.
„Постапката со која беше утврдено дека никој не ги исполнил условите беше направена со проверка на биографиите и услови по закон“, вели Туфегџиќ.
Поранешниот пратеник, Павле Богоевски смета дека како што одминува времето пред изборите, станува очигледно дека на законодавно ниво ставовите на коалициските партнери (СДСМ и ДУИ) се разидуваат.
„Покрај разликите во законодавната агенда – промените на изборниот модел, ставовите околу коментарите на Венецијанската комисија – постои и фрикцијата на полето на изборите и именувањата, каде најочигледни се повеќемесечните несогласувања околу изборот на Државниот ревизор, членови на Судскиот совет, Комесарите на КСЗД и др. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е императив, како за заштита на слободите и правата на граѓаните, така и за евроинтеграцискиот процес. Поради тоа, изборот на Комесарите и помошниот кадар не смее да биде одложуван поради дневно-политички околности и оваа обврска може и треба да се заврши пред изборите. Единствен исклучок би бил доколку постојат основани претпоставки дека во Собранието нема простор за квалитетен, транспарентен процес на избор кој на прво место ќе го стави интересот на граѓаните, а не на партиите кои го сочинуваат законодавниот дом“, вели Богоевски.
Богоевски смета дека дури и првиот оглас да бил поништен заради мал број кандидати, имало повеќе од доволно време за два огласи.
За одлуката на Собранието реагираа и од „Мрежата за заштита од дискриминација“ кои ја повикаа институцијата јавно да ги образложи причините за поништувањето на огласот за избор на членовите на Комисијата за заштита од дискриминација.
„Апелираме до Собранието во најбрз можен рок и пред најавеното распуштање да го спроведе изборот на членовите на Комисијата за заштита од дискриминација на транспарентен начин и водејќи сметка за квалитетот на избраните кандидати. Обврската составот на ова тело да го одразува составот на општеството во целина, не смее да остане само декларативна, туку реална цел на Собранието бидејќи во спротивно, ќе се компромитира целта на ова тело како гарант за еднаквоста на сите граѓани. Потребно е да се изберат професионални и независни кандидати и кандидати кои на ниту еден начин не се поврзани со политичките партии. Притоа етничката припадност не смее да биде единствен критериум, особено нејзиното тесно разбирање како распределба на позициите помеѓу Македонците и Албанците. Неопходно е да се води сметка за родовата еднаквост и да се вклучат претставници на маргинализираните заедници (Роми, лица со попреченост, ЛГБТИ и други)“, велат од „Мрежата за заштита од дискриминација“.
Според нив, транспарентноста и јавноста на изборот на членовите на Комисијата значи јавно објавување на документите на сите кандидати, јавна расправа за изборот иучество на здруженијата на граѓани по примерот на изборот на Комисијата за спречување на корупцијата.
„По изборот на комисионерите, тие ќе треба да основаат стручна служба, да обезбедат соодветни простории за работа и да ги донесат подзаконските акти предвидени со Законот. Овој процес ќе одземе многу време, што е дополнителна причина за Собранието да го забрза изборот на членови. Во процесот на ЕУ интеграциите спречувањето и заштитата од дискриминација има клучна важност, што е дополнителна причина за донесувачите на одлуки да започнат посериозно да го третираат ова прашање“, додаваат од „Мрежата за заштита од дискриминација“.
И.Р.