Либерално-демократската младина денеска ја одржа својата четиринаесета изборна Конференција во хотел Hilton Double Tree, каде за нов претседател беше избран Димитар Ванчов.
На конференцијата присуствуваа 200 млади членови на ЛИДЕМ.
„Либерално демократската младина изминатиов период, даде сериозен придонес во процесите кои значеа враќање, градење и унапредување на вредностите кои се предуслов за напредна и демократска Македонија. Денеска, бараме итно донесување на Законот за млади во кој учествуваме во создавање на истиот. Спротивно ќе бараме одговорност од Агенција за млади и спорт. Затоа, ЛИДЕМ како авангардна младина сме постојан инспиратор на една револуција која ќе овозможи градење на систем на праведност, почитување на човековите права, еднаквостa. Принципи со кои државата треба да го трасисра патот кон Европа“, рече досегашната претседателка на ЛИДЕМ, Моника Зајкова.
Таа побара од новото раководство натамошна постојана и неуморна заложба за исполнување на целите на младите, кои се предуслов за здраво и напредно општество. Квалитетно образование, висок студентски стандард, унапредување на демократските стандарди, не – дискриминација, почитување и промоција на родовата еднаквост, слобода на движење, отвореност за идеите и концептите на младите.
„Ова се само дел од заложбите кои ги поставивме, за кои започнавме да се бориме, а коишто верувам дека со истрајност, креативност, како и со натамошна работа една по една ќе успеат да станат и реалност во периодот кој следи. Тука ќе го напоменам и законот за субвенциониран студентски оброк кој ЛИДЕМ го подготви, а кој оваа недела ќе влезе во собраниска процедура и верувам дека ќе наиде на широка политичка поддршка“, рече новиот претседател Ванчов.
Според Ванчов, Либерализмот е онаа движечка сила што ги определува новите правци на Европа. Македонија треба да го следи тој чекор и да ги прифати принципите што ги нуди оваа идеја.
„ЛИДЕМ секогаш била гордост на Либерално- Демократската партија, како и на секој кој бил дел од него. Бидете обединети. Бидејќи обединети секогаш сме посилни. Сите заедно да градиме политики за подобар стандард на младите, подобар животен стандард на сите граѓани, за европска држава која ќе се движи либерално кон Европа“, порача Ванчов.