Голем број европски лидери ја поздравија победата на проевропската владејачка Партија за акција и солидарност на парламентарните избори во Молдавија во недела, велејќи дека тоа покажува дека малата источноевропска земја останува цврсто на вистинскиот пат за приклучување кон Европската Унија, пренесе БНР.
Проевропската владејачка партија во Молдавија оствари убедлива победа над својот проруски ривал на изборите во недела, покажаа резултатите во понеделникот, зголемувајќи ја поддршката за обидот на поранешната советска република да се приклучи на блокот и да се отцепи од руската орбита.
„Молдавија го направи својот јасен избор: Европа, демократија, слобода“, напиша претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на платформата X.
„Молдавија, повторно го направи тоа. Ниту еден обид за сеење страв или поделба не можеше да ја скрши вашата решителност. Јасно го направивте вашиот избор: Европа. Демократија. Слобода. Нашата врата е отворена. И ние ќе бидеме со вас на секој чекор од патот. Иднината е ваша“, рече таа.
„Народот на Молдавија се изјасни и нивната порака е гласна и јасна“, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во понеделник, додавајќи: „Тие избраа демократија, реформи и европска иднина, и покрај притисокот и мешањето од Русија“.
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Франција стои зад Молдавија во нејзините европски аспирации, поздравувајќи ја победата на проевропската партија на Молдавија на клучните парламентарни избори.
„Франција стои зад Молдавија во нејзините европски аспирации и нејзината желба за слобода и суверенитет“, напиша тој во „X“.
Министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ноел, напиша: „Ништо не може да го запре народот што избира демократија и слобода. Дури ни очајните обиди за интервенција од странска земја. Франција на братски начин го поздравува суверениот избор на молдавскиот народ да ја потврди својата подготвеност да се сврти кон Европа“.
На вчерашните избори во Молдавија, со речиси 100% обработени протоколи (99,91%), проевропската Партија за акција и солидарност беше победник. Формацијата, основана од претседателката Маја Санду, доби нешто над 50 проценти од гласовите (50,16%). Ова значи дека партијата ќе има мнозинство во парламентот од 101 место од 55 места.
На второ место е опозицискиот „Патриотски блок“, составен од четири проруски партии, со малку над 24% поддршка (24,19%). Трет е блокот „Алтернатива“ со 8 проценти (7,97%). Уште две формации влегоа во молдавскиот парламент – „Нашата партија“ и „Демократија дома“, со 6,2% и 5,62%, соодветно.