Лидерите на ЕУ: Проблемот не се патентите за вакцини, туку забраната за извоз

од Stefanija Kuzmanovska

Лидерите на Европската унија рекоа дека клучните пречки за масовно доставување на вакцини за коронавирус не се правата на интелектуална сопственост, туку забраните за извоз и недоволните капацитети за нивно производство.

На дводневниот Социјален самит на ЕУ што започна во Порто денес, лидерите изјавија дека решавањето на овие прашања треба да се реши пред да се разгледа американскиот предлог за укинување на заштитата на интелектуалната сопственост на вакцините за коронавирус, што треба да го забрза нивното производство и дистрибуција.

Францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на самитот, сумирајќи ја позицијата на ЕУ, изјави дека лабораториите што не знаат како да произведат вакцина против коронавирус, не им значи ништо ако добијат права на интелектуална сопственост.

Шпанскиот премиер Педро Санчез ја поддржа идејата презентирана од американскиот претседател Џо Бајден во средата, но веднаш додаде дека таа не е доволна и дека треба да биде поамбициозна.

Макрон рече дека Бајден треба да работи на тоа прашање.

„Англосаксонците (Вашингтон и Лондон) блокираат извоз на многу состојки потребни за производство на вакцини. Денес 100 проценти од вакцините произведени во САД се наменети за американскиот пазар“, рече Макрон.

ЕУ се обидува да ја преземе дипломатската иницијатива за прашањето на вакцините по неочекуваниот предлог на Бајден за укинување на заштитата на интелектуалната сопственост за вакцините против коронавирус.

Лидерите на ЕУ изјавија дека се подготвени да дискутираат за американската идеја, прва изнесена од Индија и Јужна Африка, но додадоа дека многу други иницијативи ќе бидат поефикасни во моментот, почнувајќи од зајакнување на производствениот капацитет до дистрибуција на суровини.

Слични содржини