Откако вчера премиерот Христијан Мицкоски од Собранието изјави дека некои доктори кои што работеле деноноќно биле на некакви еликсири и затоа заработувале многу пари, лидерот на СДСМ денеска му порача дека „Христијане, за разлика од тебе што цел живот ништо не си работел, ние сме работеле и сме дежуреле и по 24 часа и моите колеги имаат право со работа да заработат“.
-Ние не случајно ги зголемивме платите и дежурствата на лекарите за да имаат достоинствен живот. Ти не си тој што ќе каже колку докторите треба да заработуваат бидејќи тоа е работна навика и посветеност за спасување на животи и унапредување на нашиот здравствен систем. Мизерно е и срамота да кажеш како еден универзитетски професор дека докторите работат на еликсири, кажа претседателот на СДСМ на денешната прес-конференција.
Премиерот вчера посочи примери на лица кои, преку сомнителни практики, си ги зголемувале месечните примања, работеле секој ден по 24 часа, без пауза.
-Е сега кога станува збор за здравството треба понекогаш не само да зборуваме убави работи. Треба да зборуваме и малку со доза на критика кон одредени здравствени работници коишто наоѓаат начин преку чуден еден нов изум или еликсир, којшто јас го нареков еликсир на континуирана работа да книжејќи си дежурства да добиваат месечни примања коишто честопати знаат да бидат и над 10.000 евра. Чудно но вистинито. Има и такви здравствени работници коишто со помош на овој еликсир успеале да работат 31 ден во месец кога има 30 дена или помалку 28 и ни помалку ни повеќе туку 24 часа. 31 ден, 24 часа, без одмор, без пауза, цело време посветени на работа, кажа претседателот на Владата во Парламентот.