Лидерот на тимот на СЗО кој беше во Вухан: Вирусот широко циркулирал пред Пекинг да го признае тоа

од Stefanija Kuzmanovska
341 прегледи

Научник кој ја водеше мисијата на СЗО за утврдување на потеклото на коронавирусот во Вухан ги откри првите докази дека вирусот широко циркулирал пред Пекинг да го признае тоа.

Питер Ембарек и неговиот тим откриле дека во декември минатата година во Вухан имало најмалку 13 видови на коронавирус, што укажува на тоа дека вирусот веќе некое време бил во човечката популација и на тој начин мутирал, пишува „Блиц“.

Откриле и дека околу 1.000 луѓе во Вухан можно е да биле заразени уште во декември 2019 година. Тие ја засноваа својата проценка врз кинеските податоци кои покажале 174 тешки случаи на болеста.

Ембарек не сакаше да изнесе заклучок дека вирусот циркулирал во Кина пред декември, но професорот Едвард Холмс, вирусолог од Австралија, за Си-Ен-Ен изјави дека сите докази покажуваат дека „вирусот веројатно циркулирал некое време пред декември“.

Новите коментари на д-р Ембарек се значително различни од оние што ги даде минатата недела додека тој беше сè уште во Кина, кога тој инсистираше на тоа дека нема докази за пренесување на вирусот „во Вухан или на друго место“ пред декември 2019 година. Тој исто така ги повика научниците да престанат да ги истражуваат можностите „вирусот да побегнал од лабораторија“.

Критичарите, вклучително и поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, ја обвинија СЗО за поддршка на „кинеската пропаганда“ за потеклото на короната, а минатонеделните коментари на д-р Ембарек само додадоа масло на огнот.

Дури по враќањето во Европа, д-р Ембарек откри дека неговиот тим добил пристап до картоните на само 92 пациенти од целата провинција Хубеј, датирани пред декември 2019 година, кои покажале можни докази за инфекција со коронавирус. Од нив, 67 биле во можност да ги тестираат за антитела и сите резултати биле негативни.

Меѓутоа, Ембарек рече дека треба да се направат повеќе тестови, бидејќи е можно антителата на короната кај тие пациенти да исчезнала пред да бидат тестирани повторно повеќе од една година подоцна. Конкретно, тој ги повикал властите во Пекинг да му дадат пристап на неговиот тим до 200.000 примероци крв од крвната банка во Вухан, датирани од пред две години и да ги тестира сите за антитела. Примероците од крв даваат увид во тоа што имало во системот на пациентот во моментот на собирање крв, вклучително и антитела.

Слични студии на примероци од крв спроведени во Европа откриле докази за инфекции со коронавирус од септември 2019 година, што ја зголемило можноста дека болеста циркулирала со месеци пред Кина прв да пријави во СЗО.

Пекинг ги искористи тие наоди за да сугерира дека тие докажуваат дека вирусот всушност настанал надвор од границите на Кина, пренесува „Дејли меил“, иако повеќето експерти сепак веруваат дека изворот е Кина.

Д-р Ембарек рече дека откривањето на 13 видови на короната се заснова на парцијални генетски примероци на вирусот што биле земени во декември 2019 година, а кои претходно не биле достапни за меѓународните истражувачи.

Додаде дека неговата проценка од 1.000 случаи во Вухан до почетокот на декември е изведена од 174 случаи пријавени од кинеските власти – 100 потврдени со лабораториски тестови и уште 74 дијагностицирани од лекари врз основа на симптомите на пациентите.

Тој рече дека овие случаи „веројатно биле сериозни инфекции“, затоа што биле пријавени кај лекарите, а научниците веруваат дека „околу 15 проценти од пациентите развиваат потешка клиничка слика“. Врз основа на ова, разумно е да се процени дека во времето кога биле пријавени 174 посериозни случаи во Вухан, „околу 1.000 луѓе всушност биле заразени“.

Презентирајќи ги резултатите од мисијата на неговиот тим, д-р Ембарек рече дека тие не успеале да утврдат од каде потекнува вирусот или како првпат преминал на луѓето.

Слични содржини