Кој би рекол дека едвај во третото коло од Лигата на шампионите, некогаш најмоќниот тим во Европа, ќе има можност да ја забележи првата победа во елитното натпреварување. Но, веројатно тоа е и еден од симболите на бавниот, но болен пад на Барселона, која вечерва (18.45 ч.) го пречекува Динамо од Киев на „Камп Ноу“ и има „зицер“ за првенец, по неуспехот во дуелите со Баерн (0:3) и Бенфика (0:3).
Како е животот без Лео Меси, подобро е никој да не ги прашува ниту навивачите на славниот клуб. Тоа би било само сол на раната на приврзаниците на Барселона, кои се последни во групата Е, откако Украинците успеаја да освојат бод против лисабонските „орли“, а само еднаш во историјата славната „Блауграна“ имаше толку лош почеток на меѓународно натпреварување – во Купот на УЕФА во сезоната 1972/1973 година.
Тоа доволно зборува за состојбата на клубот, кој, сепак, успеа да стави крај на серијата лоши резултати со победата над Валенсија (3:1) во шампионатот, само втор на последните седум натпревари. Предвесникот за будење од кошмарот од почетокот на сезоната може да биде експлозијата на Ансу Фати, талентиран потомок на „Ла Масија“, кој се очекува да биде предводник на новата Барселона, што го потврди со преземање на „десетката“ на Меси.
Каталонците минатата година играа со Динамо во групата од Лигата на шампионите и запишаа две победи (2: 1, 4: 0). Сега, ќе мора да го повторат тој ефект за да се ослободат од ознаката „фенерџии“, но и да останат во конкуренција за пласман во следната фаза од престижното натпреварување.
Кога станува збор за другите дуели од денешната програма, погледот на списокот на судири ќе им даде впечаток на лаиците дека ова е Лига Европа, а не Лига на шампиони. Но, така е, пред гледачите ќе има судири како Салцбург – Волфсбург, Лил – Севиља, Јанг Бојс – Виљареал …
Од поатрактивните тимови, вреди да се спомене дека, барем на хартија, се очекува Баерн да има лесна работа против Бенфика, шампионот Челси против Малме, како и Јувентус против Зенит, кој со триумф би можел да се зацврсти на чело на табелата.