Лишени од слобода тројца фудбалери на Гостивар поради напад на полицајци

од Nikola Popovski
36 прегледи

Струшката полиција приведе тројца фудбалери од фудбалскиот клуб Гостивар и едно лице од стручниот штаб на клубот поради напад на полициски службеници по завршувањето на натпреварот со Струга.

– Вчера во 18 часот во ОВР Струга лишени од слобода се Е.Д.( 28) од Тетово, Ш.Т.(25) од Турција, со привремен престој во Скопје,  А.Д.(25) од Сенегал, со привремен престој во Гостивар и германскиот државјанин А.А.(31). Тие се сомничат дека за време на спортски натпревар одржан на 19 април во Струга, сториле кривични дела „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и „спречување на службено лице при вршење на службени дејствија“, изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

По целосно документирање на настанот, нагласи, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Доцна синоќа се огласија и од тимот од Гостивар. Објавија дека тројцата фудбалери и едниот член на стручниот штаб биле 5 часа приведени во полициската станица во Струга.

-Не смеат да се видат со своите сопруги или соиграчите. Управата на тимот и нашиот спортски директор со часови чекаа на студот пред полициската станица да добијат вести од играчите, стои во објавата на Фејсбук на клубот од Гостивар.

Слични содржини