Листа: Во овие македонски градови нема коронавирус

од Берта Китинска
659 прегледи

Бројот на заболени од коронавирус во државава изнесува 555, но, се очекува во следните недели да продолжи да се зголемува.

Најмногу заболени има во Скопје – 235, Куманово – 114, Дебар – 49. Досега 18 лица починаа од компликации од коронавирусот, а 23 се излекувани.На листата на градови каде нема регистрирани пациенти позитивни на Ковид 19 се : Неготино, Кратово, Пробиштип, Дојран, Свети Николе, Кичево, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Ресен и Валандово.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе имаат дополнителна дискусија во рамки на Комисијата за заразни болести и можно е до Владата да предложат и зајакнување на мерките за превенција од понатамошно ширење на вирусот.

– Се наоѓаме во критичниот момент со очекуван раст на бројот на заболени од Ковид-19. Очигледно е дека влеговме во втората фаза на пандемијата со коронавирусот. Бројот на заболени во деновите пред нас дополнително ќе расте. Се уште остануваат прогнозите пикот на болеста да биде на крајот на месецов и очекуваме 2.000 пациенти, иако многу фактори влијаат на овие предвидувања, истакна Филипче и апелираше граѓаните максимално да ги почитуваат мерките, физичките контакти да ги сведат на минимум и да се штитат од секоја ризична комуникација или движење.

Еден од главните проблеми, според него, е што има асимптоматски носители на вирусот, а ширењето на овој начин од овие носители може да се спречи само со седење дома, односно со изолација.

Од 555-те заболени од коронавирусот, 52 (9,5 проценти) се здравствени работници. Филипче им порача на здравствените работници максимално да ги почитуваат протоколите кои ги има од самиот почеток на пандемијата, да се штитат во и надвор од работните места, затоа што нивната улога, нивното здравје е од примарно значење во овој момент во државата.

Граѓаните, пак, кои имаат симптоми типични за коронавирус, како температура, треска, кашлица, отежнато дишење, треба да се јават телефонски кај нивниот матичен лекар, кој преку епидемиолошка анкета ќе утврди дали треба да се тестираат. Доколку треба, преку системот „МојТермин“ тие ќе им закажат точно време и место за тестирање.

Слични содржини