Листата на безбедни земји која крена врева, не е резултат од истражување на „Форбс“

од Берта Китинска

Во изминитиве неколку дена партиски лидери и аналитичари жестоко ги критикуваа македонските биланси од Ковид- 19, повикувајќи се на реномираниот „Форбс“, кој Северна Македонија ја сместил на 103-то место, надвор од групата на сто најбезбедни земји во време на пандемијата на коронавирусот. Листата на безбедни земји која крена многу врева, не е резултат од истражување на „Форбс“, туку на цитирани податоци од истражување на организацијата Deep Knowledge group., пренесува Дојче Веле.

„Форбс вели”, „Форбс оцени”, „Форбс не е кој било“… Со ваков вовед се редеа критиките засновани врз авторитетот на истражувачите.

Случајно или нe, до денес никој не седна сериозно да го разгледа тоа истражување, односно наводните 130 квантитативни и квалитативни критериуми, низ кои било изведено рангирањето. Оној што би одвоил барем малку време за тоа, ќе се соочеше со еден ноторен факт: дека тоа не е истражување на „Форбс”, туку „Форбс” само го пренесува/цитира. Како што може да го цитира кој било медиум, компанија или организација во светот. Но, кога ќе се спомне „Форбс” како „извор“, веројатно тоа звучи многу поубедливо. Вината воопшто не е во „Форбс“, бидејќи под објавените графикони од истражувањето професионално е наведен изворот на податоците: „според Deep Knowledge group“.

Тоа е името на организацијата која го направила рангирањето. За разлика од нељубопитните Македонци, и од македонските здравствени власти кои одговараат на разни критики за „рангирањето од Форбс”, во други земји ова истражување е ставено под сериозна лупа. Бугарскиот весник „24 часа” нотира дека станува збор за организација непозната во светските научни кругови и дека нивната веб-страница dkv.global изобилува со огромен број убави графикони кои создаваат впечаток на експертност. Притоа прави една логична споредба: „Интересно е што од класификацијата произлегува дека Шпанија, која до 8-ми јуни има 241.550 случаи на заболени од корона вирусот, (шеста во светот и втора во Европа по најмногу заразени) подобро се справува од Бугарија“.

Слични содржини