Граѓаните кои утринава добиле дозволи за движење за време на полицискиот час, а кои сакале викендов да одат на
вакцинација против Ковид-19 во Србија, добиле известување од полицијата дека истите нема да им важат. Денеска до пладне МВР издавало дозволи за движење, со оглед на тоа што голем број македонски граѓани за утре и задутре
наутро имаат закажано вакцинација во Белград.
Од Владата соопштиле дека мерките за забрана за движење важат за сите, а дозвола за движење може да се добие ако имаат потреба од итна медицинска помош.
Од таму додаваат дека патниците кои се затекнати на граничните премини за време на полицискиот час се пропуштаат да влезат во земјава.
Утре и во недела во Србија ќе се вакцинираат голем број македонски граѓани кој аплицирале за вакцина преку електронската управа. Тие се пријавиле за вакцинирање како странски државјани, што викендов ќе се одвива во просториите на Белградскиот саем, со вакцината „АстраЗенека“.
Во Србија викендов ќе се вакцинираат и вработени во компаниите што се членки на Стопанската комора на Северна Македонија. Најголемата стопанска комора во земјава обезбеди вакцинација со помош на партнерската Стопанска комора на Србија преку коморскиот инвестициски форум.
Владата на Србија одлучи да им овозможи на странските граѓани да се вакцинираат без негативен тест за PCR и претходна најава. За да се регистрираат странци за вакцинација против коронавирус преку порталот е-Влада во Србија, доволно е да имате само српски мобилен телефонски број, објави Балканската мрежа за истражувачко известување БИРН.