Ливерпул ја поплни „дупката“ во средниот ред со Артур

од Vladimir Zorba
169 прегледи

Ливерпул и официјално го објави потписот на Артур Мело од Јувентус. Бразилецот пристигнува на позајмица на една сезона. „Црвените“ за киријата ќе платат 4,5 милиони евра. Договорот има опција за откуп вредна 37,5 милиони евра, која треба да се плати на две рати.

„Многу, многу сум среќен што сум овде и што ќе го носам овој голем дрес со овој познат амблем што претставува толку многу во светот на фудбалот. Тоа е сон“, изјави Артур по потпишувањето на договорот. „Разговаравме многу, нашите идеи и визии се совпаѓаат. Јас сум многу мотивиран да продолжам да го живеам мојот сон на теренот и ќе дадам се од себе во дресот на Ливерпул“.

Артур дојде во Јувентус од Барселона во 2020 година за 76 милиони евра. Имаше големи очекувања од него, но тој не ги оправда, а една од причините беа неговите чести повреди. Бразилецот за „бјанконерите“ настапи на 63 натпревари, на кои забележа еден гол и една асистенција. Сезонава нема настап на официјални натпревари, а во контролите не го користеше ниту Масимилијано Алегри кој не планираше да се потпре на него.

Ливерпул потпиша договор со играч од средниот ред на последниот ден од преодниот рок, откако долго инсистираше дека не им треба играч на таа позиција. Сепак, низата повреди го натераа Јирген Клоп да ја донесе оваа одлука, а наредното лето се очекуваат големи промени во оваа област.

Артур е привремено решение, додека Наби Кеита, Окслејд-Чембрлен и Џејмс Милнер би можеле да заминат бидејќи им истекуваат договорите, а големата цел Џад Белингам се очекува да биде донесен за една година од сега.

Слични содржини