Љепаја: Враќањето на Трамп може да го доведе во прашање концептот на мултиетничките држави како Македонија, БиХ и Косово

од Nikola Popovski
699 прегледи

Победата на Доналд Трамп, во глобални рамки, значи дека американската политика кон Русија и другите стари и нови сили и проблеми суштински се менува. Наместо исцрпувачката борба на Западот против Русија и Кина, Трамп ќе се сврти кон договор со неа и ќе се обиде да го доближи до Западот. Тоа значи дека ќе ја ослаби и ќе се обиде да ја пресече коалицијата БРИКС под водство на Кина. Доближувањето на Русија до Западот, со кој има посилни културни и цивилизациски врски отколку со Азија, повторно ќе доведе до опкружување на Кина, која се шири технолошки и економски и се заканува да стане водечка светска велесила, вели во разговор за „Локално“, косовскиот аналитичар Фадиљ Љепаја за потезите што би требало да ги повлече старо-новиот американски претседател и како тоа ќе се одрази на безбедноста во светот и регионот.

На Балканот, според него, враќањето на Трамп значи и можно исцртување на нови политички граници по етнички линии со признавање на интересите на Русија, Турција и посилните европски сили.

-Ова може да го доведе во прашање концептот на мултиетничките држави како што се Босна и Херцеговина, Косово и С.Македонија. Во секој случај, американската политика кон Косово како независна држава нема да се промени, туку ќе се инсистира на договор меѓу Косово и Србија, а можеби и Албанија за границите на Косово и Србија, оценува Љепаја.

Ако тоа се случи, додава тој, тогаш би било неизбежно да се преиспитаат односите меѓу Албанците и Македонците во С.Македонија. Сепак, Љепаја верува дека се ќе помине со меѓународно посредништво и дека повторно нема да има војна за границите на Балканот.

Во август годинава, косовскиот премиер Албин Курти учествуваше на Демократската национална конвенција во Чикаго, додека претседателката Вјоса Османи се сретна со Камала Харис за време на Самитот „Мир за Украина“, а средбата беше снимена со заедничка фотографија и топла насмевка. На прашањето дали Трамп ќе им „памти и прости“ на Османи и Курти за нивната недвосмислена поддршка на Демократите, соговорникот потсетува дека Османи веќе му честиташе на Трамп за победата.

-Мислам дека не се работи за тоа дека Трамп и (најверојатно) Гренел ќе им се одмаздуваат на оние што беа за демократите, но мислам дека тие ќе влијаат на локалната политика, така што силите што ја прифаќаат глобалната политика на САД и ги почитуваат нејзините интереси ќе дојдат на власт. Балканот нема да биде во центарот на вниманието на новата администрација, но во секој случај ќе треба да преземе иницијатива во овој регион каде цивилизациите се среќаваат и живеат заедно со векови, менувајќи ги улогите низ вековите, заклучува Љепаја.

Српскиот претседател Александар Вучиќ заедно со тогашниот косовски премиер Авдула Хоти на потпишување договор во Белата куќа во 2020 година

Поранешниот претседател на Уставниот суд и поранешен ректор на Универзитетот во Приштина, Енвер Хасани оценува дека доаѓањето на Доналд Трамп за претседател на Соединетите Американски Држави претставува нова енергија во дијалогот меѓу Косово и Србија и дека ќе има зголемување на притисокот врз Косово за да се постигнат договори од 2023 година.

„Не треба да очекуваме дека обврските на Косово од 2023 година може да бидат суштински изменети. Кон нив може да се додаде и економската димензија, деловниот пристап што Трамп го негуваше во однос на Косово во неговиот прв претседателски мандат. Ова носи нова динамика, ништо друго. Разговорите за размена на територии не беа дел од администрацијата на Трамп. Очекувам дека Косово ќе има уште поголем притисок да ги исполни своите обврски од 2023 година“, изјавил Хасани за агенцијата „Бета“.

Тој додава дека треба да се има предвид дека надворешната политика на државата, особено на големите сили кои имаат долга традиција во уставната демократија, не е целосно диктирана од шефот на државата.

„Има многу актери кои имаат удел во американската надворешна политика, пред се Конгресот преку Сенатот. Покрај оваа димензија, постои уште една поврзана со природата на меѓународниот поредок денес. До 1999 година тој поредок го одржуваа и диктираа САД и нивните сојузници. Сега тоа не е случај и на западните луѓе им е потребна соработка со Кина и другите актери одговорни за меѓународната безбедност. Во конкретниот случај со Украина“, вели Хасани.

Според него, Трамп може да биде поинвентивен во однос на војната, но не толку за да и прави отстапки на Русија кои го поткопуваат достоинството и меѓународната положба на САД. Тој оценува дека секое решение ќе го земе предвид суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

„Нема друг пат во Европа. „Русија не може да излезе како победник од војната за агресија во Украина“, рекол Хасани.

Н.П.

Слични содржини