Љутков: Македонскиот јазик е наша татковина и наша вечност

од Nikola Popovski
17 прегледи

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Институтот за македонски јазик, честитајќи го Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, истакна дека македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку и темел на националниот идентитет, културата и историјата на македонскиот народ.

„Секој народ ја носи својата душа во зборот, во песната, во јазикот што го зборува и што му дава име на светот околу него. Нашата душа е македонска, а нашиот јазик е македонски – јазик на вековите, јазик на истрајноста“, истакна министерот Љутков.

Тој нагласи дека мајчиниот јазик е она што нè поврзува со светот, со семејството и традицијата, темел на нашиот идентитет и чувар на нашето културно наследство. Ја спомена и важноста на зачувувањето и негувањето на македонскиот јазик како најголем аманет од нашите предци и како подарок за идните генерации.

„Македонскиот јазик е нашата татковина, нашиот дом и најголем аманет. Се брани со збор, со перо, со љубов, но и со гордост“, рече министерот, повикувајќи ги сите да го слават и да го живеат македонскиот јазик со почит и љубов.

Љутков се осврна и на важноста на јазикот за националната самосвест и непрекинатиот развој на македонскиот народ, како и за неговата способност да ги пренесе емоциите, културата и историјата на идните генерации.

Според министерот, македонскиот јазик мора да продолжи да биде водилка за идните предизвици и премрежиња, и дека само така ќе продолжи да живее духот на народот.

„Секој народ ја носи својата душа во зборот, во песната, во јазикот што го зборува и што му дава име на светот околу него. Нашата душа е македонска, а нашиот јазик е македонски – јазик на вековите, јазик на истрајноста, јазик што ја вплел својата нишка во ткаенината на историјата, непрекинат, горделив и непокорен“, рече Љутков.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, истакна дека со денешниот настан Институтот го започнува одбележувањето на 80-годишнината од заокружувањето на македонскиот литературен јазик што се случи со објавувањето на македонската азбука и усвојувањето на македонскиот правопис во 1945 година.

„Почитувањето на различните култури и на различните јазици произлегува од многувековната борба за слобода и за признавање на македонскиот јазик заедно со македонската држава. Затоа почитувањето на сопствените корени, традиции и народната мудрост, мора да се преточи во завештание за идните генерации со порака за толеранција, прифаќање и респект кон различностите“, рече Јованова-Грујовска.

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одбележува на 21 февруари, прогласен од УНЕСКО на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година.

Слични содржини