Љутков од Будимпешта: Потврдени нови иницијативи за соработка во културата и туризмот меѓу Македонија и Унгарија

од Nikola Popovski
14 прегледи

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, е дел од владината делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, која е во дводневна официјална посета на Будимпешта, Република Унгарија.

Во рамките на посетата, денеска се одржа втората заедничка седница на двете влади, на која беа разменети идеи и иницијативи за продлабочување на соработката во повеќе области, вклучително и во културата и туризмот.

На средбата меѓу министерот за култура и туризам Зоран Љутков и неговиот унгарски колега, министерот за култура и иновации Балаж Ханко, беше потврдена нивната посветеност за унапредување на културните и туристичките врски меѓу двете земји преку реализација на конкретни активности.

„Радува фактот што само неколку месеци по заедничката седница во Охрид, најголемите институции од областа на театарот во двете држави, Македонскиот народен театар и Националниот театар од Будимпешта, склучија Договор за соработка, врз чија основа, во иднина, ќе се реализираат заеднички продукции, ќе се разменуваат претстави и ќе се промовираат културата и уметноста на двете држави“, рече Љутков и изрази уверување дека е ова првиот од низата документи со кои ќе се регулира и ќе се унапреди соработката меѓу националните институции од двете држави. Во тој контекст планирана е и соработка и во областа на оперската, балетската и во филмската уметност, области кои се веќе добро развиени во двете земји.

Љутков информираше дека наскоро, со потпишување на новата Програма за соработка со Министерството за култура и иновации на Унгарија, ќе продолжи успешната соработка која ќе биде основа за нови иницијативи во културниот и туристичкиот сектор.

„Во исто време, остануваме отворени за поддршка на сите иницијативи што ќе придонесат за продлабочување на културните врски и за зацврстување на соработката меѓу двете земји, како и за потпишување Меморандум за соработка во областа на туризмот, кој би вклучувал можност за развој на заеднички туристички рути кои ќе ги истакнат културното наследство и природните убавини на Република Северна Македонија и на Унгарија“, изјави министерот Љутков.

Со оваа средба, двајцата министри ги потврдија своите заложби за континуирано зацврстување на соработката во културата, туризмот и во другите области од општествен интерес, со цел понатамошно збогатување на културната и туристичката размена и афирмирање на заедничките вредности и интереси.

Слични содржини