Рубен Лофтус-Чик потпиша нов 5-годишен договор со Челзи. 23-годишниот играч ќе добива по
150.000 фунти неделно, откако се врза со клубот до 2024 година. Обновувањето на договорот на
англискиот репрезентативец беше еден од приоритетите за „сините, откако го продадоа Еден Азар
на Реал Мадрид и по казната за привлекување играчи ова лето.

„Многу сум среќен и задоволен што останувам во клубот уште пет години. Тоа е местото каде што
научив да играм и се надевам дека уште долго ќе играм тука“, изјави 23-годишниот Лофтус-Чик.
„На 8-9 години, не мислиш дека ќе бидеш на едно место толку долго, бидејќи едноставно уживаш во
играта. Кога ќе погледна назад и гледам дека напорната работа дала резултат, чувството е
прекрасно. Тоа ме тера да работам уште повеќе во иднина“, вели халфот.
Играчот ќе го пропушти почетокот на сезоната поради повреда на ахиловата тетива, но во Челзи
планираат да се потпираат многу на него за претстојната кампања. Директорот на „сините“ Марина
Грановскаја го сподели задоволството од страна на клубот за продолжената соработка.
„Гледаме на Рубен како на важен дел од тимот за наредните години. Многу сме задоволни што тој ја
гледа својата иднина во Челзи“, изјави таа.