Лога го осуди куршумот пред домот на Таравари и апелира за разумност во партијата

од Nikola Popovski

Министерот за правда и генерален секретар на Алијанса за Албанците, Кренар Лога денеска порача дека канцелариите на партијата припаѓаат на сите нивни членови. Ова следува по синоќешниот напад на директорот на Агенцијата за управување со одземен имот и член на партијата, Дритон Небиу и по денешната закана кон лидерот на партијата, Арбен Таравари, со оставањето куршум пред неговиот дом.

-Денеска можеби имаме недоразбирања и несогласувања, но не треба да се бркаме од заедничкиот дом. Додека сите се обидуваме да го најдеме вистинскиот пат, повикуваме на разумност и смиреност. Заедно сме поминале низ многу ситуации, и радости и таги. Затоа, апелираме и да ни се разделат патиштата, тоа да го правиме како цивилизирани и семејни луѓе, објави Лога на социјалните мрежи.

Генсекот на АА го осудува секој вид на насилство, особено, како што вели, кукавичкиот чин насочен кон Таравари.

-Насилството не е решение. Полициските органи нека го решат случајот и нека ги изведат виновниците пред лицето на правдата. Толку леб сме јаделе заедно што мораме да си го одржуваме достоинството пред членовите на семејството и партијата, истакна Лога.

Лога го поддржа претходниот лидер на АА, Зијадин Села во насоките партијата да оди самостојно на следните двојни избори.

Слични содржини