Лога за одлуката на Уставен: Македонија се лизга од европскиот пат кон „српскиот свет“

од Nikola Popovski
110 прегледи

Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, преку статус на Фејсбук реагираше на актуелната состојба во Уставниот суд, каде што се донесе времена мерка со која прекинуваат вработувањата по етнички клуч во администрацијата. Лога пишува дека македонската политичка елита веќе го користи овој суд за да ги мајоризира Албанците, бидејќи не можат со процедури во Собранието.

-Сите иницијативи што се однесуваат на прашањата за праведно и соодветно застапување, употребата на албанскиот јазик и другите етнички прашања во корист на немакедонските заедници ќе имаат иста судбина како прашањето за изводите од матична книга на родени, односно поништувањето на уредбата на министерот за правда и укинување на соодветните членови од законот. Треба да се истакне дека гласањето пред една година беше чисто етничко и мајоризирачко; такво беше и денес (6 македонски гласови наспроти 3 албански и турски).

Додека во Уставниот суд не постои двојно гласање за законите со Бадентер, односно механизам за заштита на другите етнички заедници, ароганцијата на македонската политичка елита ќе се појави повторно, исто како во 1991 или 1997 година.

За жал, Северна Македонија се лизга по пат кој е докажано фатален за неа. Денес, нашата држава ги дели патиштата: или ќе оди кон Европа, или кон „Српски свет“; или ќе остане Северна Македонија и европска, или македонската олигархија ќе направи дел од неа да стане „Јужна Бановина“, објави Лога на социјалните мрежи.

Со одлуката на Уставниот суд се оспорија членови од Законот за вработување во јавниот сектор и Законот за административни службеници, бидејќи се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на национална припадност и достапноста на работни места за сите граѓани.

Одлуката ја донеле шест од девет судии. Не гласале судиите Албанци.

Судот ќе бара објаснување од сите институции кои имаат објавено конкурси и вработувале граѓани според „балансерот“. Ова може да трае и два месеца, по што Судот ќе донесе конечна одлука.

Слични содржини