СДСМ попладнево обвини дека проблемот со кучињата скитници кој ескалираше во последните месеци е единствено поради неспособноста и незаинтересираноста на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, „градската и локалната власт од ВМРО-ДПМНЕ не ги интересира ништо освен рацете во медот, тендери и провизии“.
-Исто како и претходно кога 11 години ја предводеа централната и локалната власт, кога Мицкоски беше советник на Груевски не се преземаше ништо за кучињата скитници. За разлика од нив градската власт предводена од СДСМ за првпат формираше јавно претпријатие за хуман третман на бездомните животни, а кадрите од ВМРО-ДПМНЕ и Левица денеска не можат ниту соодветно да го менаџираат.
Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ е најнеспособната власт досега“, соопштија од партијата на власт.
Премиерот Димитар Ковачевски пред два дена најави дека ќе се побара помош од Брисел преку ИПАРД-програмите да се изгради стационар за бездомните кучиња.
Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ смета дека не е потребна помош од Брисел за справување со проблемите со уличните кучиња и побараа по итна постапка да се измени Законот за заштита и благосостојба на животните.
Вчера од 16:00 до 18 часот пред Влада, активистите за заштита на животните организираа протест поради масовното убивање на кучиња кое се случи изминативе неколку дена.