Локално во СЦБТ: „Првата доза не ви гарантира заштита, тоа е исто како да не сте примиле вакцина“

од Берта Китинска
598 прегледи

Од понеделникот и официјално започна масовната имунизација во салата Борис Трајковски со руската вакцина „Спутник В“ која пристигна како донација од соседна Србија. Во моментов во спортската арена се врши вакцинација на вработените во градинките, Армијата, МВР, наставниците, вработените во јавниот превоз…

Пациентите пред да примат вакцина треба да пополнат анкетен прашалник со цел да се утврди дали имаат некое хронично заболување, дали примаат терапија, на што се алергични, дали имаат прележано ковид 19,потоа се заведуваат во системот и се спроведува преглед, објаснува за „Локално“ доктор Кристијан Младеновски кој е дел од тимот кој ја спроведува масовната имунизација во салата Борис Трајковски.

Докторот вели дека откако е почната вакцинацијата само неколку лица биле вратени бидејќи покажале алергиска реакција на лекови.

-Досега имаме вратено неколку пациенти кои покажале алергија на некои лекови аналгетици, кортикостероиди, пеницилини во исто време по мерка на претпазливост им се препорачува да не ја примат сега вакцината, вели доктор Кристијан кој додава дека оваа препорака важи за сите вакцини против ковид 19 и дека вакцината не предизвикува контраиндикации кај оние кои имаат алергии на полен, убоди од стршлен или пчели.

Докторот кажува дека „Спутник В“ за разлика од „Фајзер“ е забранета за доилки и бремени жени, воедно и оние кои во брзо време планираат да имаат потомство.

Пред боцкање најдени и со испиена терапија

Доктор Младеновски вели, мал број на луѓе покажале одредена реакција по примањето на вакцината.

-Најчесто се панични напади и тоа се лица кои имаат висок крвен притисок. Им препорачувам на сите кои треба да примат вакцина пред да дојдат да бидат најдени и да си ја примат терапијата посебно оние лица кои имаат висок притисок за да не се уплашат од самото боцкање, вели докторот по општа медицина.

Не треба да се пие алкохол

Откако ќе ја примите првата доза мора да се заштитите и да ги почитувате мерките.

-Првата доза не ви гарантира заштита, треба да знаете дека тоа е исто како да не сте примиле вакцина. Не се опуштајете, затоа што помеѓу двете дози може да се заразите од вирусот, вели Младеновски.

Доктор Аркан Мемеди советува дека по примањето на вакцината повторно треба да ги почитуваме мерките, посебно ако сме примиле само една доза.

-Лицата кои ја примиле вакцината треба да не пијат алкохол најмалку три месеци, воедно препорачливо е и да не спортуваат со цел да не им се појави болка во рамото, вели, Мемеди кој порачува дека вакцината е спасот од оваа пандемија.

Медицинскиот персонал задоволен: „Има добар одзив“

Вакцината се чува во фрижидер по принципот на ладен синџир и мора постојано да има контролирана температура. Пред апликација се вади одредено количина која треба да остане на

собна температура бидејќи таа не може да се нанесе лада затоа што може да направи контраиндикации на пациентот како болка во рамото, вели една од медицинските сестри.

-После вакцинирање пожелно е два дена да се одмара, доколку имаат болка на местото на вакцинација потребно е да се премачкаат со ациди болици или евентуално да се напијат нешто за болка. Одморот од два дена е клучна работа , вели еден од здравствените работнци од СЦ Борис Трајковски.

Медицинските сестри велат дека засега се тече по протокол и нема никакви проблеми.

-Има добар одзив, се тече добро, нема засега никаков проблем после вакцинација, многу е важно да се вакцинираат сите единствено така ќе го победиме вирусот и ќе можеме да се вратиме во нормален живот, вели медицинската сестра.

Црвениот крст на помош на здравствените работници

Тука сме да надгледуваме и да им помагаме на докторите и сестрите. Откако пациентите ќе се боцнат потребно е уште 15 минути во салата да останат со цел да не дојде до некаква реакција. Делиме вода, ги упатуваме лицата за тоа каде треба да пополнат согласност и проверуваме дали на секој лист по примената вакцинира имаат печат, вели за „Локално“ Ардит Ќемаили кој волонтира во Црвениот крст.

Граѓаните задоволни од организирана вакцинацијата

„Сè тече во најдобар ред, ептен сум задоволен од тоа како е организирана вакцинацијата, нема долго чекање при влез”…. „Ни препорачаа да се премачкаме со борова вода доколку има оток, а за температура парацетамол”… „Сега за сега добро се чувствувам, ептен сум вознемирена и возбудена“, се дел од коментарите на лицата по примената вакцина.

Поголемиот дел од граѓаните за „Локално“ велат дека се чувствуваат добро и дека не се двоумеле за тоа дали треба или не треба да се вакцинираат, исто така испратија апел до оние кои се уште се мислат дали да се вакцинираат да го сторат истото.

Б.Мартиноска

А.Ристески

Слични содржини