Лоша вест за Дрим-тимот: Уште една ѕвезда нема да патува во Токио

од Nikola Popovski
280 прегледи

Крилниот центар на Детроит Пистонс, Џереми Грант доби негативен тест на коронавирус и ќе отпатува со репрезентацијата на САД на Олимписките игри во Токио, пренесува американскиот ESPN. Сепак, бекот на Чикаго Булс, Зек Лавин морал да биде вклучен во здравствените протоколи, па ќе мора да ги пропушти игрите бидејќи нема да може да патува во Токио на време.

Претходно, Бредли Бил, sвездата на Вашингтон Визардс, „отпадна“ поради здравствениот протокол поврзан со коронавирусот. Крилото на Кливленд Кавалирс, Кевин Лав исто така нема да патува на Олимпијадата поради повреда. Како замени се повикани Џавел МекГи и Келдон Џонсон.

Останува да видиме кого Грег Попович ќе вклучи во националниот тим како замена за Лавин.

Тимот на САД, кој ќе биде прв фаворит за златниот медал во Токио, се состои од:

Бем Адебајо (Мајами), Девин Букер (Феникс), Кевин Дурент (Бруклин), Џереми Грант (Детроит), Дрејмонд Грин (Голден Стејт), Џру Холидеј (Милвоки), Келдон Џонсон (Сан Антонио), Демјан Лилард (Портланд), Џавел МекГи (Денвер), Крис Мидлтон (Милвоки) и Џејсон Тејтум (Бостон).

Треба да се нагласи дека Букер, Холидеј и Мидлтон се уште се преокупирани со тимските обврски затоа што финалната серија од НБА лигата, која ја играат Милвоки и Феникс, се уште е во тек.

Слични содржини