Луѓето кои спијат пет часа или помалку се изложени на поголем ризик од хронични заболувања

од Nikola Popovski
631 прегледи

Новото истражување покажува дека луѓето на возраст од 50 и повеќе кои спијат пет часа или помалку како што стареат имаат поголем ризик да развијат повеќе хронични болести отколку нивните врсници кои спијат подолго.

Во истражувањето учествувале околу 8.000 државни службеници од Велика Британија кои на 50-годишна возраст немале хронични заболувања.

Оние кои спиеле пет часа или помалку имале 30 отсто поголем ризик да развијат повеќе хронични болести со текот на времето во споредба со луѓето кои спиеле најмалку седум часа.

Тој ризик се зголемува со возраста, па на 60-годишна возраст е за 32 отсто, а на 70-годишна возраст за 40 отсто, покажуваат резултатите од истражувањето објавено во списанието PLOS Medicine, пренесува CNN.

Болести за кои постои поголем ризик се дијабетес, рак, хронични срцеви заболувања, мозочен удар, срцев удар, хронично заболување на белите дробови, хронично заболување на бубрезите, заболување на црниот дроб, депресија, деменција, ментални нарушувања, Паркинсонова болест и артритис.

Но, истражувањето има некои ограничувања, според експертите. Повеќето од учесниците беа бели, а само една третина беа жени. Исто така, истражувачите наведуваат дека државните службеници генерално се малку поздрави од општата популација.

Потоа, учесниците сами ги пријавиле податоците, кои се сметаат за помалку веродостојни отколку ако научниците би можеле директно да ги набљудуваат додека спијат.

Сепак, претходните истражувања покажаа дека спиењето е важно за здравјето, но и за квалитетот на сонот.

„Спиењето влијае на се“, истакнуваат експертите.

Совети за квалитетен сон

Пред сè, треба да имате постојан распоред за спиење. Одењето во кревет и станувањето во исто време секој ден ќе ви помогне да добиете квалитетен одмор.

Следно, собата треба да биде темна и тивка. Исто така, избегнувајте кофеин, алкохол и големи оброци пред спиење. Вежбањето во текот на денот може да ви помогне и да спиете подобро навечер.

Слични содржини