Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ ја користи паузата од натпреварите за да се посвети на својата физичка подготвеност и максимално подготвен да ја започне новата сезона во НБА лигата. Ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс неодамна се појави во Мадрид, каде што го поддржа својот поранешен клуб, Реал Мадрид. Фотографиите од неговата посета предизвикаа големо внимание – многумина забележаа дека Дончиќ изгледа позатегнат и во одлична форма, што се припишува на неговата нова диета и интензивните тренинзи.
Според словенечкиот Спортски клуб, Дончиќ веднаш по враќањето во Љубљана започнал со сериозен режим на тренинг. На негова лична желба, деталите за подготовките се чуваат во тајност – неговите пријатели и семејството не споделуваат ништо за содржината на тренинзите. Сепак, познато е дека тој комбинира напорни вежби во теретана со драстично изменета исхрана. Целта е јасна – да се справи со критиките за неговата претходна форма и да се врати на теренот посилен, побрз и поагилен. Лос Анџелес Лејкерс, кои веруваат во неговиот потенцијал, наскоро би можеле да му понудат нов договор вреден дури 230 милиони долари.
— Real Madrid Basket (@RMBaloncesto) May 25, 2025
Дончиќ се пресели во Калифорнија на 2 февруари, откако Далас Маверикс донесе изненадувачка одлука да го размени со Лејкерси, во трансфер што го доведе Ентони Дејвис во Тексас. Иако се засилија со поранешниот МВП на Евролигата, Лејкерси не постигнаа позначаен успех. Сезоната ја завршија на третото место во Западната конференција со биланс 50 победи и 32 порази, но беа елиминирани од Минесота во првото коло од плејофот со 4:1.
И покрај тоа, индивидуалната статистика на Дончиќ беше импресивна – просечно бележеше 28,2 поени, 8,2 скока, 7,7 асистенции и 1,8 украдени топки по натпревар. Се чини дека Лука Дончиќ е решен да се врати на теренот помоќен од кога било досега – подготвен да одговори на сите предизвици што ги носи новата сезона.