Заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска смета дека е неосоодветно однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ која има свои министри во техничката Влада, а чии пратеници денеска не гласаа за Владата.
„Денеска видовме дека внатре во македонското Собрание имавме пратеници кои не гласаа, а присуствуваа во салата, тоа е еден политички феномен. Слушаме дека немаме потреба од таа техничка влада токму од оние кои беа причина за да се направи таа техничка Влада по еден пржински терк. Kрајно несоодветно e ова однесување на ДПМНЕ, да имате свои министри во техничка Влада, а да не ги гласате“, рече Лукаревска на гостување во „Отворено студио“ на ТВ 21.
Додаде дека ја радува тоа што политичките партии се обединуваат околу европската идеја. Вели дека се прават последните анализи и согледувања дали ќе се оди со заеднички листи, но, додава дека каква и да биде одлуката, европскиот фронт ќе биде победник на изборите.
„Очекувам европскиот фронт да има голем број на пратеници. СДСМ на чело на тој европски фронт ќе овозможи да бидеме дел од ЕУ до 2030 година. Нема поубава и поцврста симболика од 8 мај во пресрет на Денот на Европа, 9 мај“, рече Лукаревска.