Лукаревска: Од „буре барут“ станавме фактор на регионална стабилност, нека е честит и вековит Денот на независностa

од Берта Китинска

Нека е честит и вековит Денот на независноста – 8 Септември! 30 години од историскиот референдум во 91-та година кога го поставивме темелот на современата држава, со гордо крената глава може да кажеме: заедно успеавме, вели заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во своето обраќање до македонската јавност.

– Денес, Република Северна Македонија е меѓународно призната, економски напредна, слободна и демократска држава со своја лична карта во Обединетите Нации. Полноправна членка на НАТО, пред почеток на преговори со ЕУ, пријател на демократскиот свет. Економијата е стабилна, парите се враќаат кај граѓаните, платите растат, се гради на сите страни!После три турбулентни децении, од „буре барут“ станавме фактор на регионална стабилност и почитуван пример за мирно решавање конфликти. Тоа е заеднички успех на сите наши граѓани!

Низ сите овие години, учевме важни лекции и созревавме како општество. Научивме дека единствениот правилен пат е патот на демократијата, на слободата, на економскиот развој.

Дека успешната македонска приказна е заедничката приказна на сите луѓе кои живеат овде без разлика на вера и припадност, земја на еднаквост и еднакви можности. Затоа „едно општество за сите“ не е само фраза, туку е клуч за развој и просперитет на граѓаните и државата. Така треба и да продолжиме.

30 години независност одбележуваме во време во кое нашата истрајност, жилавост, храброст и решителоност не водат до справување и со најсилните предизвици со кои се соочи и целиот свет.Во нашата заедничка борба за подобро утре, продолжуваме напред, заедно! Тоа најдобро го знаеме. Нека е за многу години, вели Лукаревска.

Слични содржини