„Јас во моментот заедно со претседателите на комисии ја работиме победничката програма на СДСМ за парламентарните избори. Ние ќе ја формираме идната Влада во 2024 година. Кога правиме споредби со она коешто го имаме ветено во рамки на програмата за 2020 година, конкретно во земјоделието, покрај тоа што сме го запишале и понудиле на граѓаните, сето тоа е изреализирано или во фаза на реализација и плус на тие мерки имаме нови други мерки. Многу имаме направено, но малку се имаме пофалено, односно медиумски да го испрезентираме. Бевме сведоци кога три пати се сечеше лента за една иста работа, ние се обврзавме дека така нема да функционираме и дека така не треба да се функционира“, истакна Сања Лукаревска, директорка на УЈП и заменик претседателка на СДСМ, во живо на Радио Мрежа Канал 77.
Во однос на идното коалицирање, таа одговори дека за првпат партија од македонскиот блок била на една листа со партија од албанскиот блок.
„Генералниот секретар и секретарот за меѓународна соработка заедно со претседалот на младината беа во посета на партија којашто е дел од партијата на европски социјалисти како што е и СДСМ. Тука станува збор за продлабочување на соработката бидејќи всушност европската агенда, европските темели се еден вид на европско обележје. Оваа посета нема никаква позадина ниту пак има простор да се каже дека намигнуваме на некој друг. Ние си го знаеме нашиот кадровски капацитет и потенцијал. Дискусијата за заеднички листи со партија од албанскиот блок, односно нашиот коалиционен партнер ДУИ и Алијанса се одвива, меѓутоа истото ќе биде предмет на дискусија и во наредниот период“, потенцираше Лукаревска.
Таа додаде дека и е драго што многу политички партии се приклучуваат на европскиот фронт којшто го предводи СДСМ.
„Европскиот фронт за нас претставува единство, еден вид на интегративен процес и се она што значи добробит на граѓаните“, заклучи Лукаревска.