Белорускиот претседател Александар Лукашенко ги предупредил официјалните лица и лекарите дека за време на ширењето на коронавирусот, тие се „одговорни за смртта на луѓето“ и им наредил да направат се што е во нивни раце за да ги спасат животите на луѓето.
„Ние ќе ги лечиме луѓето, ќе го следиме развојот на ситуацијата. Сакам категорично да ги предупредам сите дека ќе бидат „одговорни“ за смртта на луѓето во Белорусија. Сите показатели, без разлика дали се поврзани со Ковид-19 или пневмонија, што ги имавме вчера, што ги имаме денес – сè ќе исчезне, сè ќе биде заборавено. Но, она што ќе остане се луѓето што можевме да ги спасиме, но не сме успеале. Затоа треба строго да бараме од Министерството за здравство и лекарите да спасат човечки животи “, рече претседателот на Белорусија.
Лукашенко посочи дека прашањето е под негова сериозна контрола и ги повика лекарите и сите официјални лица да се борат против ширењето на коронавирусот мирно и без „хистерија“.
Апел до бизнисот да „тргне побрзо“: Кој сака да работи – наоѓа начин
Лукашенко го привлече вниманието на фактот дека белорускиот бизнис не треба да се потпира само на поддршката на државата во услови на пандемија, туку дека треба да се „движи“ и во потрага по работа.
„Треба да ги поддржиме оние на кои им е потребна поддршка и кои сами започнале. Неопходно е луѓето сами да бараат работа, а не да се надеваат исклучиво на помош однадвор“, рече тој.
Тој го зеде работењето на рестораните и угостителските објекти како еден од примерите, велејќи дека се префрлиле на достава до дома и додаде дека „оние што сакаат да работат, наоѓаат начин“.
Други, исто така, го применуваат методот на Белорусија
Лукашенко се осврна и на начинот на кој реагира Белорусија на новиот вирус, велејќи дека другите земји веќе го користеле белорускиот метод, кој, како што вели, веќе вроди со плод.
„Ситуацијата во Белорусија во моментов е поднослива во однос на коронавирусот и другите болести. Не велиме дека сè е во ред со нас и дека го фативме Бога за брадата. Воопшто не. Сепак, методот што го аплициравме веќе трет месец дава резултати“.
Тој додаде дека другите земји исто така ја копираат Белорусија и го примениле неговиот метод.
„Погледнете ги западните земји, тие почнаа полека да се отвораат, економијата почна да функционира. Во исто време, бројот на смртни случаи дневно го надминува бројот на сите смртни случаи (од Ковид-19) во Белорусија за овие три месеци“, рече Лукашенко на состанокот во Палатата на независноста во Минск.
Според последните податоци, 23.906 лица се разболеле од коронавирусот во Белорусија, а 135 лица починале.