Лукашенко предлага трилатерална соработка со Северна Кореја

од Vladimir Zorba
243 прегледи

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко на средбата во Сочи денеска му предложи на претседателот на Русија, Владимир Путин Москва и Минск да воспостават трилатерална соработка со Северна Кореја.

Тој изрази задоволство од средбата меѓу Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, пренесе белоруската државна новинска агенција Белта.

„Верувам дека можеме да размислуваме за трилатерална соработка. Знам дека Корејците се многу заинтересирани за соработка со Русија. Мислам дека ќе има работа за Белорусија, имајќи ги предвид постоечките проблеми“, рече Лукашенко.

Русија ќе развива соработка со Демократска Народна Република Кореја (ДНРК) во рамките на меѓународното право, најави пак Путин.

За време на разговорот со Лукашенко, тој истакна дека Северна Кореја е сосед на Русија, со која мора да гради добрососедски односи, почитувајќи ги сите меѓународни норми, пренесе РИА Новости.

Прес-секретарот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија и КНДР не потпишале договори за воено-техничка соработка, ниту за други теми, ниту дека такво нешто се планирало.

Слични содржини