Второстепениот европски суд денеска ја потврди забраната за емитување на програмата што Европската унија ѝ ја изрече на руската државна медиумска куќа „Раша тудеј“ во март годинава со образложение дека „систематски шири дезинформации за руската инвазија на Украина.
„Големиот совет на Европскиот суд на правдата го отфрли барањето на француската Раша тудеј да ги поништи актите на Советот, усвоени по избувнувањето на војната во Украина, кои привремено ѝ забрануваат на таа организација да емитува содржини“, соопшти Европскиот суд на правдата со седиште во Луксембург, пренесе „Ројтерс“.
„Москва ќе одговори со преземање слични мерки против западните медиуми“, соопшти денеска Кремљ, пренесува „Ројтерс“.
Во разговор со новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека „Раша тудеј“ не може да работи во Европа, но дека се надева дека ќе најде модел за да продолжи да ја емитува неговата програма, пренесува „Танјуг“.