Марковски за „Локално“: Ова е првпат во историјата со неуспех да стигнеш до успех, кадарни сме за изненадување на Европското

од Nikola Popovski
868 прегледи

Македонската фудбалска репрезентација за првпат во својата историја ќе настапи на едно големо натпреварување. 12-ти ноември најверојатно ќе биде еден од најбитните датуми во мак-фудбалот, откако тој ден, со голот на Горан Пандев во 54-тата минута, нашите фудбалери со 1 – 0 ја совлада репрезентацијата на Грузија на Динамо Арената во Тбилиси и со тоа за првпат во својата историја обезбедија пласман на едно Европско фудбалско првенство.

Иако глобалниот настан ќе започне на 11-ти јуни, очите на целата македонска нација се насочени два дена подоцна, односно на 13-ти јуни, кога во Букурешт против Австрија ја започнуваме нашата одисеја. За тоа какви ни се шансите, што може да се очекува и повеќе околу ситуацијата во репрезентацијата, редакцијата на „Локално“ поразговара со поранешниот фудбалски репрезентативец и долгогодишен играч на ФК Вардар, Љупчо Марковски – Калц.

Тој смета дека фудбалерите шансата треба да ја гледаат што во ова влегуваме како аутсајдери и без притисок.

-Шансата е во притисокот кај другите и нас ни одговара кога играме затворено против нив. Ние се покажавме како тврд орев со силните репрезентации , вели Марковски.

На прашањето дали сегашниот формат на УЕФА ни „помогна“ да стигнеме до едно големо натпреварување, актуелниот шеф на стручниот штаб на ФК Скопје, вели дека ќе беше страшна катастрофа доколку не успеевме да се пласираме.

-Ќе беше неуспех на векот, истакнува тој.

Фото: ffm.mk

Какви се според вас шансите на нашата репрезентација на претстојното ЕП, со оглед на не толку атрактивнатата, но силна група?

-Ако се земе во предвид дека Холандија е во групата, и во моментов не е толку атрактивна, таа сепак е светска сила во фудбалот. Украина со Шевченко е во голем подем, а Австрија се покажа како репрезентација што е тежок противник за нас и не победи двапати. Македонија својата шанса треба да ја гледа што во ова влегуваме како аутсајдери и без притисок. Сигурно некоја од овие три екипи ако киксне против нас, тешко дека ќе се пласира понатаму. Тука е притисокот што треба да го искористиме. Ние се покажавме како тврд орев со силните репрезентации и играме позатворено со блок од 5 играчи во дефанзивната линија и тешко е за пробивање, со што покажуваме дека можеме така да направиме позитивни резултати. Шансата е во притисокот кај другите и нас ни одговара кога играме затворено против нив. Ако се направи добар резултат против Австрија и Украина, после тоа со Холандија, ако се тие пласирани, можат и да тактизираат со составот и да одморат играчи. Кадарни сме за изненадување.

Што сметате дека недостасуваше во претходните македонски фудбалски генерации за да се пласираат на едно европско или светско првенство? Дали сметате дека порано имаше многу посилни генерации или сегашниот формат на УЕФА ни „помогна“ да стигнеме до едно големо натпреварување?

-Ова е првпат во историјата со неуспех да стигнеш до успех. Македонија се најде убедливо во најслабата група и послаба од оваа не постоеше. Акумулираните лоши игри и резулати во минатото ни „помогнаа“ да се најдеме овде и јас сум убеден дека сите поранешните репрезентации од Југославија да се најдеа во ваква група исто така ќе се пласираа на ЕП. Сепак, далеку од тоа дека не заслужуваме, туку ете си искористивме и убав момент. Ќе беше страшна катастрофа доколку не успеевме да се пласираме, ќе беше неуспех на векот. Ова е очекувано за мене. Ваквата шанса е како да добиеш 100 милиони на лотарија. Како и да е, ова е одлична репрезентација, се си дојде на свое место.

Како ја коментирате одлуката за промена на бојата на дресовите во „бордо“, па после тоа повторното враќање на старата комбинација?

-За мене најголема победа е тоа што никаде на дресот не пишува „North“. Тоа е одлична работа и честитки до ФФМ од мене. Бојата на дресот сигурно не треба да се минува, не знам која е причината и не знам кој стои позади оваа идеја. Сепак, ФФМ и претседателот покажаа дека имаат чувство и веднаш ги вратија, за разлика од КФМ која буквално без повод, го промени името на дресовите со „North“. Ова е поголема победа за мене.

ФФМ подолг период е на „тапет“ од фановите, а во последно време и навластите. Како ја оценувате работата на актуелното раководство?

-Јас сум долго време во фудбалот и сум променил многу фудбалски влади и во моментов што им замерувам на сите сега што се бунтуваат е поради тоа кога се работи за лична корист. Не реагираат на огромни неправди што постоеле. Јас сум сега во ФК Скопје, ние лани бевме втори, ФФМ одлучи да нема баражи и ги укинаа пропозициите кои пред сезоната беа објавени. Никој од овие сега што се бунат не реагираше тогаш. Видовме во другите земји, се прошируваат лигите и сите застанаат, а кај нас тоа го нема. Последниот бараж покажа дека кај нас нема екипи со поголеми областувања. Охрид лесно можеше да ја помине Ренова, чесно судење имаше, ете на пример Силекс испадна од второлигаш, што во македонскиот фудбал е запаметено досега. Ние сме играле 4-5 пати баражи, тоа била класична кражба од судии и се и никаде збор немало кажано. Сега тие што бараат промени на системот, односно делегатите да не одлучуваат да има претставници од клубовите, како би било еве сега имаме екипа во Втора лига што се откажа од фудбал? Тие делегати кој ќе ги замени, деликатна е ситуацијата. Секаде делегати одлучуваат, а може да се направи здружение на прволигаши и второлигаши и тие да имаат свое учество во организацијата на ФФМ. Тука има многу политика и ќе видиме кој што ќе одлучи понатаму. Ако имаме најдобра генерација  на фудбалери не однела на Европско, имаме најдобар селектор, не може сега само претседателот Сејдини да не чини. Ќе се најде начин на решавање.

Премиерот Заев вели дека македонската куќа на фудбалот е заробена институција…

-Мислам дека политичарите немаат големо познавање за спорт и фудбал. Да оставиме луѓе што се во спортот да си ја водат работата. Сега е петта година откако премиерот на власт и зошто баш сега кога стигнавме на ЕП, одеднаш почнува се да смета? Сметам дека не оставаат спортот сам да си го најде решението. И УЕФА не дава мешање на политиката. Многу пати кога спортист ќе коментира за политика, викаат абе нека гледаат тој за спортот, не се за политика, така и обратно. 30 години на секоја промена на власт, гледаат да ги променат сите претседатели на поатрактивни федерации во спортот. Пред 10-тина година имавме сличен пример, кога претседателот Хаџиристески беше сменет и после 10 дена ни испратија човек од УЕФА и ни соопштија ако не се врати истиот претседател, ќе си играте фудбал само во маало, ќе ве исфрлиме од сите купови и квалификации. Светот од страна гледа, имавме сега и Собрание, присуствуваа и Чеферин и сите врвни луѓе. Ако имало нешто што е надвор од законите на УЕФА и ФИФА, сигурно би реагирале. Политиката е многу инволвирана.

Како во иднина треба да се развива мак-фудбалот, за да продолжиме континуирано да учествуваме на големите натпреварувања?

-Со изградбата на Академијата на ФФМ се покажа како одличен потег. Видовме дека и У21 се пласираа на ЕП и се гледа тој е моделот, по кој треба да се движиме. Се што ќе биде придобивка како ова ЕП, да продолжи, да не завршиме како кошаркарите, кои стигнаа до 4-то место во Европа, а сега ни лига немаме како што треба. Тоа вложување во фудбалот и репрезентациите да продолжи, да продолжи овој систем на селектирање на млади играчи со турнири и се покажува како исправен. Најголема придобивка е ако овој пласман го надоградиме со инвестирање во фудбалот, ете ФФМ покажува со изградба на нови стадиони. Ни фали инфраструктура за да може и понатаму да се носиме и да очекуваме пласман на вакви првенства. Тоа што ќе се заработи од ЕП, да се инвестира во нови проекти, терени и едукации на терени и верувам ќе покаже резултати.

ФК Вардар испадна оваа сезона во втората по наталожените проблеми. Според вас, кој е виновникот и дали очекувате повторно негово брзо враќање во Првата фудбалска лига?

-Вардар е институција, најголем бренд на Македонија, бев дел од него 30 години и како играч и како тренер во младинската школа. Тоа е клуб преку кој Македонците се препознаваат во светот и мислам дека државата не смееше да дозволи да го снема од Прва Лига. Тоа е исто како Ѕвезда, Партизан или Динамо Загреб да испаднат. Според мене, и тука политиката си го зема својот данок. Посакувам Вардар да се преструктуира што побрзо и да се врати, не многу далеку, ете на пример пред 4 години влезе во Лигата на Европа, што многу клубови на овие простори се уште сонуваат. Мислам дека има еден период каде што треба да почне од нула и дека како држава Македонија мора да најде начин Вардар да се врати. Првата лига без Вардар не е лига. Ако видиме дека повеќето од овие репрезентативци почнале во школите на Вардар и дека е расадник на играчи, мислам дека заслужува една коректна помош, да се врати таму каде што му е местото.

Фото: ФК Вардар

Никола Поповски

Слични содржини