Мафијашки убиства меѓу скопските кланови: „Западните партнери се вклучени во борбата, ова ќе трае и ќе се заострува се додека главните нарко-босови на европско и светско ниво не наредат поинаку“

од Nikola Popovski
1,4K прегледи

Грчката полиција се уште трага по најмалку двајца осомничени мажи, кои ноќта меѓу петокот и саботата брутално го убија неформалниот водач на кланот „Дуќанџик“, Орхан Бајрами-Оки пред вилата во Ханиоти, Грција. Напаѓачите, кои носеле качулки и најверојатно фантомки, упаднале во дворот на вилата што Оки ја изнајмил со своите пријатели. Додека сите седеле во дворот, напаѓачите влетале и испукале 19 куршуми кон Бајрами. Рането е уште едно лице Сеад С, кој е во болница и надвор од животна опасност. Ваквата ликвидација е продолжение на убиствата поврзани со скопското подземје кои добија на интензитет во последните неколку години. Пред неколку месеци во скопската Чаршија беше убиено уште едно контроверзно лице, Јетон Кривањева – Жила, близок пријател на Бајрами.

Љубомир Ѓурчески

Според поранешниот началник во Министерството за внатрешни работи и помошник-директор на Криминалистичка полиција, Љубомир Ѓурчески таа војна меѓу организираните криминални групи во државата, која можеби е дел од пошироките од балканските и европски групи, е разгорена одамна.

Во последните години доби силен интензитет и имаме убиства кои што не се расветлени, почнувајќи од убиството на братот на Џелал Ајети кај СЈО во 2017 година. Од тој момент и пукањето во „Александар Палас“ во 2019 година се случија најмалку 5 или 6 убиства во делот на организираните криминални групи кои што работат со дрогата во државата, рече Ѓурчески за „Локално“.

Како што истакнува, главните кланови во Скопје се: едниот на релација Грчец-Дуќанџик и дел од Чаир, а другиот е дел од Чаир, Арачиново, Ченто и во продолжение липковскиот регион.

Ова го зборувам за убиствата на тројцата од семејството Ибраими. Значи сето тоа е поврзано со нарко-клановите кои ангажираат добро обучени извршители на платени ликвидации. Ова ќе трае и ќе се заострува се додека главните нарко-босови на европско и светско ниво не наредат поинаку, посочува соговорникот.

Околу тоа дали се вмешани високи политички структури во нивните операции и колку воопшто може да биде ефикасна борбата на полицијата против нив, поранешниот началник смета дека многу експерти зборуваат за спрегата меѓу организираните криминални групи и политичките елити, вклучително и влијанието на коруптивните елементи поврзани со државните институции.

МВР не е амнестирано од таа корупција што владее на тоа ниво. Факт е дека тие криминални групи имаат одредена политичка заштита, се со цел да се стеткнат со неказнивост на одредени елити. Последна беше пресудата за кривични дела од 2017 и 2018 година поврзани со изборите во Чаир. Таа спрега е битна да се знае затоа што огромен дел на политички партии за кои постојат индиции дека дел од нивното финансисрање и купување на гласови со кеш е благодарение на спрегата на мафијата со политичките елити, информира Ѓурчески.

Истакнува дека западните партнери се вклучени во борбата против ваквите групи и имаме постојано размена на информации со блиските светски служби, пред се ДЕА од САД која е задолжена за борбата против наркоманијата.

Имаме добра соработка и со германската и австриската полиција. Со сите западно-европски земји имаме добра соработка во делот со трговијата со дрога, но сигурен сум дека нарачаните убиства се тешки за докажување затоа што многу тешко се воспостави врската меѓу материјалните докази од лице место како чаури и шрапнели во врската меѓу жртвата, сторителот и огненото оружје. Честопати сторителите веднаш се ослободуваат од тоа оружје, а сите знаеме дека тоа го поседуваат илегално кое што веднаш го фрлаат во реки или го палат со возилото или го оставаат на лице место како поздрав, но работат со заштитни средства за да не остават траги. Со оперативното работење во полицијата, имаме доста оперативни сознанија за врската и можните сторители, информира соговорникот и заклучува:

 

Полициските службеници кои што работат во Одделот за дрога, добро си ги познаваат нарко-групите, односно кој е лидер, кој е дилер, кој ја организира трговијата и транспортот. Затоа по тој дел зборуваме за евентуална поврзаност на организираните криминални групи и полицијата. Тука се во прашање корупцијата и коруптивните елементи на највисоко можно ниво, ни рече Ѓурчески.

Н.П.

Слични содржини