Магла и загадено за дишење: Скопје на 2. место во Европа

од Nikola Popovski
97 прегледи

Нова година, но стари маки. Скопје повторно е меѓу најзагадените градови во Европа и светот. Главниот град во моментов е на 12-то место во светот по загаденост на воздухот, според листата на IQAir, а во европски рамки е втор позади Сараево.

Пред нас се градови како Лахор (Пакистан), Делхи (Индија), Вухан (Кина), Дака (Бангладеш)…Индексот на загадување е високи 173. На оваа непопуларна листа, главниот град на Македонија лани неколку пати го држеше неславниот примат.

Во моментов во градот има и густа магла поради што е отежнато движењето на возилата.

Пред неколку дена се одржа втор протестен марш против аерозагадувањето. Од „Зелен Хуман Град“ имаа четири конкретни барања за борба.

-Првото барање е јавен континуиран мониторинг на индустриските објекти за да се знае точно кој и како загадува. Второто барање се однесува на еколошко загревање на објекти како Детската клиника во Козле, која сè уште се загрева на мазут. Третото барање е решавање на автоцентричноста во градот, со приоритет на јавниот превоз и велосипедите над автомобилите и четвртото барање е подобро управување со отпадот, изјави Борјан Јовановски од иницијативата „Зелен хуман град“.

Партиите со меѓусебни обвинувања за тоа кој е одговорен за загадениот воздух. Опозициската СДСМ со забелешка дека шест месеци откако власта е во рацето на ВМРО-ДПМНЕ, тие не презеле одговорност и сериозни чекори, а граѓаните биле оставени сами на себе. Од ВМРО-ДПМНЕ велат СДСМ седум години не успеала ниту еден процент да го намали загадувањето на воздухот.

Според податоците на УНИЦЕФ, 11,6 отсто од смртните случаи кај новороденчињата во земјава се поврзани со загадениот воздух, што значи дека секое деветто починато дете под една година го губи животот поради аерозагадувањето.

Слични содржини