Мајка обвинета за убиство на бебе: „Ја оставила сама дома 10 дена и отишла на одмор“

од Vladimir Zorba
429 прегледи

Кристел Канделарио (31) од Охајо е обвинета дека ја убила својата 16-месечна ќерка Џејлин, која 10 дена ја оставила сама дома и заминала на одмор. Кога се вратила од патување во Детроит и Порторико, го нашла девојчето мртво, пишува Дејли Меил.

Таа пред судот под заклетва изјавила дека на 6 јуни го оставила малото девојче дома без надзор и отишла на патување, а кога се вратила дома на 16 јуни забележала дека девојчето е крајно дехидрирано и не реагира на дразби. Официјалните лица потврдија дека креветчето на девојчето било покриено со валкани прекривки и облоги натопени со урина и измет.

Кога екипата на итната помош пристигнала на местото на настанот, го нашла детето мртво. Медицинскиот работник кој работел на истрагата утврдил дека нема знаци на траума, но дека девојчето било оставено околу 10 дена, по што починало.

Нејасно е зошто Канделарио не се договорилa да ја чува некој пред да замине на пат, со оглед на тоа што соседите и претходно ја чувале. Тие биле шокирани кога слушнале што се случило на само една врата од нив.

– Џејлин беше неверојатна и симпатична. Не го заслужи тоа што и се случи, многу ми недостига, изјави 13-годишното момче кое го познаваше бебето.

Друг сосед ја памети како секогаш среќно дете.

– Беше среќно бебе, постојано насмеано и заинтересирано за околината. Таа беше навистина прекрасно бебе, рече таа.

Еден познаник изјави за News5 Кливленд дека ова не е прв пат Канделарио да ја остави ќерка си сама дома.

-Постојано и велевме да не ја остава сама, не само мене туку и мојата другарка која живее преку улица, но таа секогаш ќе ја оставеше, тврди познаникот.

Пред инцидентот, неодговорната мајка работела како замена во основното училиште Citizen Academy Glenville во Кливленд. Таму била вработена од ноември минатата година, а веднаш штом била уапсена добила отказ. Социјалните служби немаат евиденција за какви било претходни прекршоци на мајката, која моментално се наоѓа во затворот во округот Кујахога.

Кауцијата за нејзиното ослободување е еден милион долари. Не се знае дали ангажирала адвокат или ја признала вината, а следното рочиште ќе се одржи утрото на 28 јуни.

Слични содржини