Мајка од Скопје: „Ќерка ми спасуваше пчела со капка сок, а полицаец помисли дека подметнува пожар – светов навистина оди наопаку

од Илинка Илиоска
89 прегледи

Една мајка од Скопје за „Локално“ ја раскажа необичната, но драматична случка што ја доживеала нејзината 19-годишна ќерка во близина на театарот и музејот, откривајќи го апсурдот на секојдневието во градот.

„Од мала ја научив да спасуваме пчели кога сме во можност. Ги вадиме од езеро ако се дават, ако се исцрпени ги поиме… во двор летно време чуваме вода со камчиња на кои можат да застанат и да се напијат,“ раскажува мајката. „Пред некој ден, ќерка ми седи карши театар, кај катната гаража, ме чека да ја соберам после школо. Гледа пчела како умира. И наоѓа некое сосче од калинка, и полева една капка на земја за пчелата да се напие.“

Но тогаш, сцената добива неочекуван пресврт. „Приоѓа полицаец: ‘Што правите?’ Детево збунето тотално – ‘Ааа, и давам на пчелава нешто да пие дека умира. Зошто?’ А тој ѝ вели: ‘Јас мислев дека палите нешто’.“

Мајката раскажува дека ова ја оставило нејзината ќерка шокирана. „Мамо, на терорист ли личам?“ ја прашала вознемирено кога влегла во колата.

„Мене, искрено, ми дојде за смеење,“ вели мајката. „Како глупаво се зезнал цајканов, ама детето беше шокирано и вознемирено.“

Со горчина, таа додава: „Браво полицаец! Како чуваш, само!“

Мајката не го крие своето разочарување од системот, кој често не реагира на вистинските проблеми.

„Семејно насилство – никој. Малтретирани деца по школи и улици – никој. Маченце бебе пукано со воздушна пушка. Никој. Куче малтретирано влечено со кола, расфрлан отров низ населба, па и во нечиј двор – никој не се појавува. Одиш да пријавиш во полиција – ‘Што можеме ние тука?’ Никој, ништо. Во денешно време, гестовите на грижа и љубов кон околината се гледаат со сомнеж, како да се нешто невообичаено или опасно. Смешно е и трагично во исто време. Светов навистина оди наопаку“, рече мајката.

И.И.

Слични содржини