Тој редовно објавува вести кои изгледаат како вистински, а всушност се апсолутна измислица. Постои дури фирма за ширење на лажни информации. Кој е Џестин Колер и зошто го прави тоа? DW направи средба со него.

“Агентoт на ФБИ, кој го истражуваше скандалот со e-mail-от на Хилари Клинтон, е пронајден мртов”. Тоа беше една од безбројните лажни информации за време на предизборната кампања во САД. А лажната информација дека папата Фрањо го поддржувал Доналд Трамп, беше споделена 960 000 пати Фејсбук. Во меѓувреме Гугл и Фејсбук најавија дека ќе ги блокираат неверните пораки. Кои се сепак луѓето кои намерно објавуваат неточни информации? И зошто го прават тоа?
Репортерка на National Public Radio ѕвони не вратата на Џестин Колер во едно од предградијата на Лос Анџелес. Домаќинот ја отвора вратата и веднаш вели: “Жал ми е, ништо нема да ви кажам! Благодарам за вниманието и пријатен ден.”
Џестин Колер е основач и шеф на фирмата Disinfomedia.inc. Неговата компанија поддржува многу дезинформациони сајтови. Кога подоцна се согласува да даде интервју, тој не сака да каже точно колку точно или кои се тие. Колер е еден од “производителите” на дезинформации и лажни вести. Тој редовно објавува вести кои изгледаат како вистински, а всушност се апсолутни измислици. Пред две години на пример тој ја објави информацијата дека во Колорадо преку некои намирници се шири и марихуана. “Тогаш еден конгресмен од Колорадо дури поднесе предлог кој забранува ширење на марихуана преку прехранбени производи. А веста беше целосна измислица”, вели Колер.
Работодавач на 30 “автори”
Џестин Колер е на 40 години, оженет со деца. Еве како објаснува зошто почнал да објавува неточни информации. “Сакав да создадам еден сајт кој ќе биде виден сериозно од луѓето со крајнодесничарски ставови. Целта ми беше да објавувам намерно измислени приказни и дезинформации и да го гледам изненадувањето на луѓето кои поверувале дека се вистински.”
Во меѓувреме Колер дава работа на 25 до 30 “автори”. Самиот тој бил изненаден од големиот број Прегледи на Фејсбук и Гугл на лажните вести за време на последната предизборна кампања во САД. Како во случајот со сторијата за откриениот мртов агент на ФБИ кој го испитувал скандалот околу пошта на Хилари Клинтон. Публикацијата со предизвикувачки наслов изгледала како препечатување од весникот “Denver Guardian”. Со малку детали дека таков весник воопшто не постои.
“Луѓето сакаа да слушнат такво нешто. Јас ја смислив целата приказна. Измислив свој град, луѓето, шерифот, агентот на ФБИ. Нашите онлајн-уредниците ги размножија намерно информациите до приврзаниците на Доналд Трамп и ја објавија на социјалните мрежи. Приказната се шири како лавина” , вели Џестин Колер . Секој дополнителен клик ги прави сајтовите на Колер привлечни за рекламните агенции. Двајца други автори на дезинформации, кои беа откриени од “Los Angeles Times” во Лонг Бич, признаваат дека само од реклами на нивните сајтови заработуваат меѓу 10 000 и 40 000 долари месечно.
Фејсбук и Гугл веќе најавија дека нема да дозволат реклами на сајтови со измислени вести. Џестин Колер сепак не верува дека неговите измислени вести придонесоа за поразот на Хилари Клинтон. “Таа всушност не беше добар кандидат”, убеден е тој.