Македонија се покажа како добро подготвена и мошне професионална во скринингот, порача Ларсон Џаин на владината седница

од Nikola Popovski
147 прегледи

На почетокот на владината седница, на покана на премиерот Димитар Ковачевски, се обрати амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џејн, која пред претставниците на Владата направи осврт на приоритетите и актуелностите на шведското претседателство со Советот на Европската Унија.

„Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија”, порача шведската амбасадорка Ами Ларсон Џејн и потенцираше дека шведското претседателство е сериозно посветено на овој процес, за којшто, како што рече „геополитичката ситуација донесе нова итност”.

„Северна Македонија се покажа како добро подготвена и мошне професионална во скрининг процесот”, рече амбасадорката Ларсон Џејн и пренесе поддршка за натамошниот процес на европските интеграции на нашата држава.

Амбасадорката Ларсон Џејн соопшти дека високо се цени усогласеноста на надворешната и безбедносна политика на Република Северна Македонија со политиките на ЕУ, во актуелниот геополитички контекст.

Во обраќањето, амбасадорката Ларсон Џејн говореше за приоритетите на шведското претседателство – безбедноста, конкурентноста, зелената енергија и енергетската транзиција, како и чување на демократските вредности и справување со криминалот и корупцијата.

Премиерот Ковачевски изрази благодарност за тоа што шведското претседателство го внесе и го подржува поттикнувањето на евроинтеграцискиот процес со земјите од Западен Балкан во својата програма и посочи дека приоритетите на шведското претседателство, мирот и безбедноста, консолидацијата на демократските вредности и владеењето на правото се темелни определби и на Република Северна Македонија.

„Имаме освежен состав на Владата со мноштво обврски поврзани со европскиот реформски процес. Новото мнозинство во Собранието како и новиот состав на Владата се формирани токму со таа цел, обид да се забрза исполнувањето на евро-интеграциските задачи и да придонесе кон успешно завршување на скрининг процесот и после години чекање, преминување во следната квалитативна фаза – отворање на првиот кластер посветен на Темелните вредности”, рече премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, посочи дека новата, геополитичка ситуација, уште повеќе го изрази фактот, дека земјите од Западен Балкан се неотуѓив дел од континентот и од фундаментална важност за зачувување на европскиот мир, безбедност и просперитет. „Затоа, се надевам дека шведското, заедно со наредното шпанско претседателство со ЕУ во 2023 година, ќе постават јасна патека за следните проширувања на Унијата, откако ќе бидат исполнети условите”, посочи премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, го поздрави фокусот и постигнатото единство во Европската Унија, без преседан, во поглед на реакцијата кон руската воена агресија врз Украина. „Северна Македонија, во рамки на своите можности, веќе активно го поддржува фокусот на шведското претседателство кон поголема поддршка за Украина, како и во унапредување на нивниот евроинтеграциски пат, по добивањето на кандидатскиот статус”, соопшти премиерот Ковачевски.

На седницата се обратија и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Вицепремиерот Маричиќ ја нагласи важноста од одржувањето на европската перспектива на земјите од Западен Балкан. „Наш приоритет е да го задржиме континуитетот по европскиот пат за време на шведското претседателство и сметаме дека е време ова придвижување да земе поголем замав”, рече вицепремиерот Маричиќ кој посочи дека Шведска е голем пријател на Северна Македонија, што се покажува и преку поддршката со ЕУ и во билатералните односи.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи изрази благодарност што шведското претседателство со ЕУ, во фокусот на програмата ја има и интеграција на земјите од Западен Балкан, потврдувајќи дека иднината на државите е во ЕУ, што е особено важно во моменталниот, геополитички момент.

Слични содржини