Македонија, Албанија и БиХ меѓу најзагрозените земји во однос на загадувањето на воздухот во Европа

-Во овие земји, во просек, најголем број на изгубени години од животот поради загаден воздухот е измерен кај жителите на возраст од 30 години или постари, се наведува во извештајот на EEA

од Nikola Popovski
4 прегледи Фото: Локално

Жителите на земјите од Југоисточна Европа, како што се Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија, се најзагрозени од загадувањето на воздухот во однос на скратувањето на нивниот животен век, објави Европската агенција за животна средина (EEA).

Во овие земји, во просек, најголем број на изгубени години од животот поради загаден воздухот е измерен кај жителите на возраст од 30 години или постари, се наведува во извештајот на EEA, пренесува агенцијата „Срна“.

Агенцијата наведува дека загадувањето на воздухот останува најголем еколошки ризик за Европејците, над другите фактори како што се изложеноста на бучава и хемикалии или ризикот од топлотни бранови поврзани со климата.

Небезбедните нивоа на загадување на воздухот резултираа со неверојатни 182.000 смртни случаи во 2023 година, пренесе „Euronews“.

Извештајот на EEA наведува дека 95 проценти од Европејците во урбаните средини се изложени на нивоа на загадување на воздухот „значително“ над препораките на Светската здравствена организација.

Меѓу земјите од ЕУ, Италија имаше најмногу смртни случаи поради загадување на воздухот во 2023 година и најмногу години живот изгубени на 100.000 жители, по што следат Полска и Германија.

Најниски релативни влијанија од загадувањето на воздухот се регистрирани во земјите на север и северозапад од Европа, вклучувајќи ги Шведска, Естонија и Норвешка.

Во Исланд нема смртни случаи од загадување на воздухот, додека во Финска се регистрирани 34 смртни случаи предизвикани од долготрајна изложеност на фини честички од загадувањето означени со PM2.5, прецизира ЕЕА.