Со Одлука за спроведување на Европската комисија за одобрување на првото ослободување на средства за Република Северна Македонија во рамки на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан одобрена е првата исплата на средства за нашата земја во износ од осум милиони евра.
Со оваа Одлука, информираше денеска Министерството за европски прашања, одобрени се 2,3 милиони евра како неповратна помош и 2 милиони евра како заем кои ќе бидат достапни преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како и 3,7 милиони евра што го претставува преостанатиот дел од заемот наменет за директна буџетска поддршка. Во таа сума не се вклучени околу 3,6 милиони евра кои се наменети за порамнување на дел од средствата кои државата претходно ги доби како претфинансирање.
Средствата се обезбедени по доставеното барање од страна на министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој како национален координатор за Инструментот за реформи и раст, во име на Владата на Република Северна Македонија, а преку Министерството за европски прашања, ја достави целокупната документација за чекорите од Реформската агенда 2024–2027, со рок на реализација декември 2024 година (односно февруари 2025 година).
Според оценката на Европската комисија целосно исполнети се два чекори, донесувањето на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и измените на Законот за трговски друштва. За преостанатите чекори, Комисијата констатира дека не се целосно реализирани и за нив е предвиден грејс период до 24 месеци, односно до декември 2026 година.