Македонија по седум години национално понижување и ограбување од политичари кои за среќа сега се минато, овие 13-14 месеци доживува и економска и национална ренесанса. Ние не сме ниту Грци, ниту Бугари, ниту Срби, туку сме Македонци, во Албанија и насекаде во светот, рече премиерот Христијан Мицкоски, во обраќањето на Македонскиот фолклорен фестивал Преспа во Општина Пустец, во Албанија.
Во последно време, вели Мицкоски, „сме сведоци како се обидуваат да не негираат, надсинхронизираат, да не направат модерни, да не бришат, да се обидуваат сето она што е македонско да го оспоруваат“.
Жали што пропагандите што го следат Македонецот низ историјата не ги заобиколиле.
-Ги видовте, ги почувствувавте, ги живеевте, преку замени, преку притисоци, преку тивки, но упорни обиди да се разниша она што е ваше. Но уште повеќе, горд сум што не потклекнавте. Не ја прифативте удобната заборавеност. Не се срамевте од себе. Не дозволивте никој да ви го дефинира идентитетот наместо вас. И за тоа ви се поклонувам, рече, меѓу другото, премиерот.