По синоќешната историска победа против Германија, угледниот британски медиум „Гардијан“ објави нова листа, според која Македонија напредуваше како фаворит за освојување на титулата на ЕУРО 2021.
Нашата репрезентација е моментално на 18-тото место за освојување, што е најголем скок на оваа листа од цели пет позиции.
Пред ова рангирање, нашата репрезентација беше претпоследна на рангирањето, а зад нас беше само Словачка.
„Македонија го направи најголемото изненадување на рундата, совладувајќи ја Германија на гости со 2-1, со што ѝ го нанесе првиот пораз на квалификациите за СП за победниците во 2014 година во последните 20 години. Уште повеќе, тоа беше заслужена победа, а требаше да добијат и пенал откако Емре Џан играше со рака во сопствениот шеснаесетник. Сепак, тоа и не беше важно бидејќи Горан Пандев и Елиф Елмас стрелаа прецизно за да обезбедат историска победа.
„Никогаш не сме победиле против тим со толку многу титули. Среќен сум што работам со овие играчи, честитки за нив“, изјавил селекторот Игор Ангеловски за „uefa.com“. Сега треба да се одмориме, но и да не летаме во облаци. Ова е победа за целата нација“, потенцирал Ангеловски, а објави Гардијан.
Според Британците, најголем фаворит на престојното ЕП е Белгија, веднаш зад неа е Данска, па следуваат Италија, Англија и Франција. Холандија е на 13, Австрија 21, а Украина на 23 место. Германците назадуваа за шест позиции и сега се осми фаворити.