Македонија – фактор на масата или мезе за други?

од desk4
119 прегледи

Додека Иванов и Мицкоски прават ајвар, прашање е на време кога државата ќе стане мезе на некои туѓи маси. А потоа, повторно со децении ќе кукаме дека никој ништо не нѐ прашува

Прелистајте ги историските читанки и учебници, препрочитајте ги манифестите и декларациите, потсетете се уште еднаш на безбројните народни легенди, фолклорни патоси и патетични политички изјави над тажната судбина, и ќе дојдете до еден заеднички именител:

Од 1903 и Илинденското востание, преку Балканските војни и Букурешкиот договор, па сѐ до Лисабонската декларација; македонскиот народ не престана да се жали и да бара некој да го слушне неговиот глас; да му дозволи да си ја одреди својата судбина (наместо да му ја одредуваат други) и да му се даде шанса да седне рамноправно на иста маса во водечките европски и светски организации и институции. И?

После 100 и кусур години кукање и плачење над сопствената несреќна судбина, безброј клетви кон „курвата Европа“ и дрвја и камења кон остатокот од светот кој, ете, никогаш не смогна сили да му даде глас на малиот онеправдан балкански народ, Европа и светот се „освестија“… И решија да ги послушаат вековните молби на македонскиот народ… Не само што ги послушаа молбите, туку одлучија да дојдат во неговата земја и лично тоа да му го кажат. Се наредија првиот човек на НАТО, двајца комесари на ЕУ, германската канцеларка и австрискиот канцелар, американскиот секретар за одбрана, знајни и незнајни западни дипломати и државници… сите со една порака: пред вас е можноста сами да си ја одредите судбината, да станете дел од нашите сојузи и организации, или не сакате? И, што направи македонскиот народ?

Ајвар!

Значи, по еден век кукање дека земјата била монета за поткусурување од страна на големите, еве Македонците дочекаа шанса самите да одлучат за својата судбина.

И што одговори македонскиот народ?

Ништо. Си седеше дома!

Тоа според претседателот Иванов и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, било големата победа на Македонија.

„Со негласање, народот јасно се изјасни…“ тоа е големата мудрост која ја проглаголи „таткото на нацијата“ која еден век и кусур се бори за некој да ја слушне и да ѝ даде право на глас. Македонците ги одбраниле името и идентитетот, велат двајцата. Сега цел свет може да продолжи да им ја нарекува државата ФИРОМ, нив „славомакедонци“, а тие „достоинствено“ да конкурираат за бугарски пасоши и да продолжат да се раселуваат по светот со дигнато чело и празен џеб.

 

Која е алтернативата што сега на граѓаните им ја нудат Иванов и Мицкоски, откако „победија“ седејќи дома? Слушна ли некој сериозен предлог од овие двајца каде и како треба да продолжи земјата доколку Преспанскиот договор и дефинитивно да се стави ад-акта како што посакуваат? Иванов ќе градел нов национален консензус!? Човекот кој никогаш не кажа што значи „разумен компромис“ и кој десет години се залага за решение на спорот преку референдум, за на крај да го бојкотира? Човекот кој амнестираше осомничени за криминал и беше на чекор до тоа да прогласи воена состојба во државата за да ги спасува своите политички ментори? Околу која политичка идеја или концепт на оваа „морална вертикала“ треба да се сплотат граѓаните?

За каква иднина и членство во НАТО и ЕУ се залага Мицкоски додека Мијалков и Груевски му ја крчкаат пратеничката група во Собранието за нивна амнестија како ајварот во казаните на Бојкотирам? Претседателот на опозициската партија доби шанса друг да го преземе ризикот и да му го реши најтешкиот спор кој ја блокира земјата со години. На тацна доби можност ем активно да се противи на тој договор и со тоа да извлече политичка корист, а притоа да се прикаже како кооперативен пред неговите западни партнери, и со тоа барем делумно да го поврати загубениот углед на ВМРО-ДПМНЕ меѓу Европските народни партии.

На крајот, и тој прогласи победа, а ни од ајварот не проба. Додека Мицкоски се мисли кој пат да го фати, не забележува дека е длабоко влезен во казанот и дека е сведен на мирудија во ајварот кој други го мешаат.

Ни Иванов, ниту Мицкоски не го препознаа, или не сакаа да го препознаат фактот дека не само Македонија, туку и регионот, па и целиот континент се наоѓа пред историска пресвртница. Во регионот веќе се заговараат промени на граници и размена на територии. Во Европа енормно се засилуваат популистичките и десно-радикални партии и движења.

Може ли Македонија во оваа констелација и без поддршка од западните земји да остане мирна и стабилна? Дали и тогаш Иванов и Мицкоски ќе му порачуваат на народот да си седи дома, или ќе биде обратно? Имаат ли воопшто некаква политичка проценка за периодот што следува и сфаќаат ли дека Столтенберг, Меркел, Курц и сите други не доаѓаа во Скопје затоа што им се допаѓаат Заев или Владата, туку за да помогнат земјата да застане на нозе и самата да си го трасира патот.

Српскиот претседател Вучиќ чекаше да долета во Москва за јавно да се исмева со референдумот во Македонија и да му фрла пуфки на Западот пред да се истопори кај Путин. А во Русија е заминат со една цел: да добие амин од рускиот претседател за нова прераспределба на Балканот, во која повторно ќе се повампират големо-државните проекти, на еден начин или друг. Со истата задача претходно беше и во САД.

Македонија се уште има шанси да се извлече со сопствени сили. Но за тоа и се потребни вистински и храбри одлуки. Додека Иванов и Мицкоски го тераат народот да прави ајвар, прашање е на време кога државата ќе стане мезе на некои туѓи маси.

А потоа, повторно со децении, можеби и векови ќе кукаме дека никој ништо не нѐ прашува.

Борис Георгиевски

Извор: Дојче веле

Слични содржини