Македонија и Црна Гора се помеѓу 27-те земји кои во Извршниот совет на УНЕСКО гласаа позитивно по албанската иницијатива за приемот на Косово во оваа организација, пренесуваат српските медиуми.
Извршниот совет на УНЕСКО позади затворени врати во средата донесе одлука на Генералната конференција која ќе се одржи во ноември да предложи прием на Косово во организацијата.
Според исходот од гласањето, 27 земји гласале „за“, 14 биле „против, а исто толку земји биле воздржани во однос на албанската иницијатива. Како што соопшти српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, „за“ гласале: Авганистан, Албанија, Австрија, Белизе, Велика Британија, Габон, Гамбија, Гвинеја, Германија, Доминиканска Република, Ел Салвадор, Естонија, Италија, Кувајт, Македонија, Пакистан, Сент Китс и Невинс, САД, Тајланд, Того, Обединетите Арапски Емирати, Франција, Холандија, Црна Гора, Чешка, Чад и Шведска.
Против се изјасниле Аргентина, Ангола, Бразил, Еквадор, Етиопија, Индија, Кина, Куба, Мароко, Мексико, Намибија, Нигерија, Русија и Шпанија. Шефот на српската дипломатија Дачиќ кон овие земји изразил голема благодарност.
Воздржани, пак, биле исто 14 земји: Алжир, Бангладеш, Египет, Индонезија, Јапонија, Јужна Кореја, Маурициус, Малави, Мозамбик, Мали, Непал, Папуа Нова Гвинеја, Тринидад и Тобаго и Уганда. Надвор од салата во моментот на гласањето биле Тунис, Туркменистан и Уганда.
Дачиќ додал дека од почетокот на гласањето се знаело дека „односот на бројот на земји не оди во полза на Србија“, но нагласил дека пет земји се изјасниле како воздржани, иако го имале признаено Косово (Јапонија, Јужна Кореј, Малави, Египет и Папуа Нова Гвинеја“.
На прашањето како тој ги коментира одлуките на Скопје и Подгорица да гласаат „за“, Дачиќ порачал дека „тие секако се разочарани од нивниот став, но не и изненадени“.