Македонија гласаше „За“ враќање на украинските деца кои се киднапирани од Русија

Необврзувачката резолуција во ОН, усвоена со гласовите од 91 земја, меѓу кои и Македонија, бара од Москва да „обезбеди итно, безбедно и безусловно враќање на сите украински деца кои биле киднапирани“

од Nikola Popovski
5 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/UNICEF

Генералното собрание на ОН синоќа повика на итно и безусловно враќање на украинските деца „присилно префрлени“ во Русија, чувствително прашање во преговорите за евентуален мировен договор меѓу Киев и Москва, објавија АФП и Ројтерс. Необврзувачката резолуција, усвоена со 91 глас „За“ (меѓу кои и Македонија), 12 „Против“ (вклучувајќи ја Русија) и 57 воздржани, бара од Москва да „обезбеди итно, безбедно и безусловно враќање на сите украински деца кои биле киднапирани“.

Покрај Македонија, „За“ гласале речиси сите држави од Европа, како и САД. Меѓу државите кои што биле против, покрај Русија, се и Белорусија, Кина и воглавно земји од африканскиот континент.

Документот, исто така, ја повикува Москва „веднаш да ги прекине сите практики на присилно префрлање, депортација, разделување на семејствата и одвојување на децата од нивните законски старатели, промена на личниот статус, вклучително и државјанство, посвојување или сместување во згрижувачки семејства, како и индоктринација на украински деца“.

Украина ја обвинува Русија за киднапирање на најмалку 20.000 украински деца од почетокот на војната, „најголемата операција за киднапирање од страна на државата во историјата“, изјави заменик-министерката за надворешни работи на Украина, Маријана Беца, на говорницата пред гласањето, истакнувајќи дека повеќе од 1.850 од нив се вратени.

„Нема да има праведен мир во Украина без итно и безусловно враќање на нашите деца дома“, нагласи таа.

Резолуцијата беше поднесена од Украина, Канада и ЕУ.